ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ИДНАТА ГОДИНА, НО НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВОЗИ ПО НЕА ОТИ ГРАД СКОПЈЕ ТРЕБА ДА НАПРАВИ ВЛЕЗОВИ, ВЕЛАТ ОД „ЛИМАК“

    ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ИДНАТА ГОДИНА, НО НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВОЗИ ПО НЕА ОТИ ГРАД СКОПЈЕ ТРЕБА ДА НАПРАВИ ВЛЕЗОВИ, ВЕЛАТ ОД „ЛИМАК“Напролет ќе биде готов првиот дел од комплексот што ќе доведе до поголемо двиѓење и поголем број возила, а подземната улица не се знае кога ќе биде пуптена во сообраќај оти Град Скопје не ни почнал со постапките за изградба на влезовите и излезите. (Фото: СДК.МК)

    До крајот на наредната година ние ќе ја направиме подземната улица, но за да може да биде пуштена во сообраќај Град Скопје треба да ги изведе трите кружни тека преку кои ќе се влегува и излегува од тунелот, велат инвеститорите од турски „Лимак“, кој го гради комплексот пд станови и трговски центар кај старата железничка станица во Скопје. Тие велат дека сообраќајницата се гради и веќе е пробиен голем дел од тунелот.

    „Во делот каде што веќе се дигнати зградите и каде што ќе биде трговскиот центар улицата е веќе пробиена и направена. Сега останува уште да се направи ископот односно да се пробие во делот каде што ќе бидат другите две згради. Роковите кои ги дадовме ќе бидат запазени односно во 2023 подземната улица ќе биде готова“, вели Чагри Шерен, проект менаџер на компанијата „Лимак Скопје“.

    Иако подземната улица ќе биде готова таа нема да може да се користи бидејќи Град Скопје не почнал со постапките за изградба на кружните текови. Градот треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницаата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин. Градоначалничката Данела Арсовска во јуни изјави дека работите се далеку од реализација оти ништо не било почнато од претходното раководство.

    Ексградоначалникот Петре Шилегов на крајот од неговиот мандат ги презентираше проектите за трите крстосници и најави дека по завршувањето на изборите ќе започнат постапките за избор на фирми изведувачи и градежните работи.

    Директорот на „Лимак Скопје“ Куртхан Апајдин вели дека имале средба со градоначалничката Арсовска и очекува Градот да го заврши својот дел од обврските. Вели дека напролет планираат првиот дел од комплексот да биде готов и пуштен во употреба односно првите две кули да бидат вселени, да почне со работа трговскиот центар и пешачката улица со ресторани и кафитерии.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Алајдин нели смета дека со пуштањето на двете 20-катници, трговскиот центар и улицата со кафулињата треба да биде пуштена и подземната улица бидејќи уште толку ќе се зголеми сообраќајниот метеж во центарот на градот, а улицата која требаше тој метеж да го реши нема да се користи. Не се знае ниту кога ќе биде пуштена во употреба оти за изградба на приклучоци кои не се едноставни проекти се потребни неколку години, а работите не се ни почнати.

    „Ние за изградба на комплексот плативме висока цена за комуналии, секој месец на Општина Центар плаќаме пенали бидејќи се доцнеше со стартот на проект. Нашиот дел од обврските целосно го исполнуваме, улицата се гради според високи стандарди и таа ќе биде готова за една година. Град Скопје треба да ги изгради трите кружни текови и се надеваме и веруваме дека тоа ќе биде направено“, вели директорот Куртхан Апајдин.

    Од компанијат велат дека во првите две кули кои се веќе дигнати купени се речиси сите станови.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година и прво инвеститорот треба да ја изгради улицата а потоа објектите над неа. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи.

    Сообраќајницата треба да биде долга 800 метри, 6 метри под земја и со 6 коловозни ленти. Комплексот на ’Дајмонд Скопје‘ ќе има станбени и деловни објекти, трговски центар, простор за културни активности ресторани, кафулиња. Вкупната површина на комплексот ќе биде 325.000 метри квадратни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира