ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА КАЈ ЈУЖЕН БУЛЕВАР ЏАБЕ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ВО 2023, АРСОВСКА ВЕЛИ ДОТОГАШ НЕ МОЖАТ ДА СЕ РЕШАТ ИМОТНО-ПРАВНИТЕ ОДНОСИ, А КАМОЛИ ДА ПОЧНЕ ГРАДБА НА ПРИСТАПИТЕ

    ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА КАЈ ЈУЖЕН БУЛЕВАР ЏАБЕ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ВО 2023, АРСОВСКА ВЕЛИ ДОТОГАШ НЕ МОЖАТ ДА СЕ РЕШАТ ИМОТНО-ПРАВНИТЕ ОДНОСИ, А КАМОЛИ ДА ПОЧНЕ ГРАДБА НА ПРИСТАПИТЕГрад Скопје треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницаата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин. (Фото: К. Попов)

    Подземната улица на Јужен булевар и да биде готова во 2023, како што најави турскиот инвеститор „Лимак“, нема да може да се користи. Град Скопје дотогаш нема ниту да почне да ги гради трите кружни текови за влез и излез од сообраќајницата. Градоначалничката Данела Арсовска, на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК  до каде е Градот со исполнување на својот дел од обврските, вели дека работите се далеку од реализација оти ништо не било почнато од претходното раководство.

    „Ова е еден од проектите којшто е отпочнат без целосна визија како ќе се реализира и како ќе се заврши, ниту пак имало каква било волја да се реализира и заврши. Било само отпочнато и не знам како се сметало дека ќе се реализира, затоа што во овој момент ниту една од фазите кои се обврска на Градот не е почната, ништо не е пипнато. Што значи дека сега јас во средината на 2022 година отпочнувам со реализиација на фазата број еден за кружниот тек кај Кисела Вода, која досега можела да биде завршена“, вели Арсовска.

    Град Скопје треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај зградата на поранешна „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин. Ексградоначалникот Петре Шилегов во изборната кампања ги промовираше проектите за изградба на трите кружни текови и тогаш најави дека Градот од 2022 ќе почне со нивна градба и тие ќе чинат 22 милиони евра.

    Според Арсовска, која постојано вели дека не наследила ниту еден проект, џабе што ексградоначалникот Шилегов ѝ оставил проекти кога не ги решил имотно-правните односи.

    „Проектите се најмалиот проблем, тие не се од претходниот градоначланик туку нешто што се заговара од 2012 година, меѓутоа, за да се реализира требало да се пристапи кон процес да се среди тоа земјиште кое сега е во надлежност на Македонски железници. Ниту од другата страна каде треба да се градат два кружни текови ништо не е пипнато во однос на имотно-правните односи. Јас не знам како се планирало да се заврши нешто како цел проект до 2023. Не знам што треба да се направи, имотно-правните спорови не знам дали ќе успеат да се разрешат до 2023“, додава Аросовска.

    Според најавите од менаџментот на „Лимак“, подземната сообраќајница ќе биде готова во 2023 година.

    „Најтешката работа е завршена, поголемиот дел од тунелот под земја е пробиен односно направен е ископот, поставени се потпорни ѕидови и подземни инсталации. Сега останува полесниот дел во градењето на улицата. Градежните работи се одвиваат во делови или блокови односно завршуваме еден дел од улицата и потоа таму се продолжува со работа односно се креваат објекти. Потоа се гради друг дел од улицата па содржините кои се над неа. Без да се изгради тунелот не може да се кренат зградите. Зградата која ја гледате кај ‘Тутунска банка‘ е прва од четирите кули. Таа се гради бидејќи тунелот во тој дел е готов и сега продолжуваме со негово градење натаму“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК лани во август Чагри Шерен, проект менаџер на компанијата „Лимак“.

    Над улицата веќе е крената првата од четирите 20-катници, а во моментов се гради и втората која е речиси до половина. Тунелот за улицата во овој дел е изведен.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи.

    Сообраќајницата треба да биде долга 800 метри, 6 метри под земја и со 6 коловозни ленти. Комплексот на ’Дајмонд Скопје‘ ќе има станбени и деловни објекти, трговски центар, простор за културни активности ресторани, кафулиња. Во комплексот автентично треба да се вклопи и симболот на градот, Старата железничка станица, денес Музеј на град Скопје. Вкупната површина на комплексот ќе биде 325.000 метри квадратни.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира