Редици се забележани на руските гранични премини додека некои мажи се обидуваат да ја напуштат земјата откако Владимир Путин вчера нареди делумна мобилизација на резервисти за војната во Украина. Таа би можела да опфати до 300.000 луѓе.
Кремљ кажа дека извештаите за бегство на борбено способни мажи се шреувеличени. Сепак, на границата со Грузија се создале неколку километарски редици од возила.
Некои сведоци изјавија дека на граничниот премин Апер Ларс имало редица од автомобили долга околу пет километри и дека биле потребни неколку часа за премин на границата. Грузија е една од ретките соседни земји во која што Русите можат да влезат без виза.
И Финска објави дека имало зголемен сообраќај преку руската граница, но без метежи.
Набргу по објавувањето на мобилизацијата, во Русија нагло поскапеле авионските карти за најдостапните странски дестинации, како Истанбул, Белград и Дубаи и некои се распродадени во следните денови и чинеле над 5.000 долари. Турските медиуми објавија дека имало голем пораст на продажбата на авионски карти во еден правец.
„Секој нормален човек е загрижен. Во ред е да си уплашен од војна“, изјави Сергеј, кој вчера пристигнал од Москва во Белград.