Приклучоците или трите кружни текови кои Град Скопје треба да ги изгради за подземната сообраќајница на Јужен булевар ќе бидат проиритетен проект во мојот мандат, вели градоначалничката Данела Арсовска. Но, додава дека ќе биде потребно време за нивна реализација, бидејќи од минатото раководство наследила нерешени експропријации на трасата.
Вчера, од туската компанија „Лимак“ рекоа дека улицата ќе биде готова до крајот на наредната година, но таа нема да биде во функција односно нема да може да се вози по неа додека не се изградат влезовите и излезите, а тоа, според договорот потпишан уште во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, е обврска на Градот. Од „Лимак“ најавија дека напролет ќе бидат вселиви двете згради, трговскиот центар и пешачката улица со кафулиња. Тоа ќе предизвика поголем број жители, посетители и возила во овој дел на градот, а улицата која треба да го намали метежот нема да биде во функција.
САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша Арсовска какви се плановите на Град Скопје за овој проект, со оглед на тоа дека работите за трите кружни текови не се ниту започнати, а за пола година овој дел ќе предизвикува сериозен сообраќаен метеж во градот. Арсовска сега, за разлика од пред неколку месеци кога само се жалеше дека никој ништо не сработил за овој проект и не може сега јавноста да очекува од неа да ги реши сите проблеми, вели дека Градот е силно фокусиран и се работи со засилено темпо да се започне со сите процеси.
„Жално е што изминатите години, како што се одвивал процесот на изградба на улицатата, не се початите постапките за приклучоцоте. Ние во изминатите неколку месеци работиme на тоа и го буџетитаме за наредната година, за да се почнат овие проекти. Сега се подготвува документацијата што е потребна за овој проект и да се започне со експропријациите, за да може да се почне со реализацијата. Станува збор за сериозни проекти за кои треба време. Ова се сообраќајници кои значително ќе го решат сообраќајниот метеж и ќе бидат меѓу приоритетните проекти на Градот“, вели Арсовска.
Градот треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин.
Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година, прво инвеститорот треба да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.
Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи.
Сообраќајницата треба да биде долга 800 метри, 6 метри под земја и со 6 коловозни ленти. Комплексот ’Дајмонд Скопје‘ ќе има станбени и деловни објекти, трговски центар, простор за културни активности ресторани, кафулиња. Вкупната површина на комплексот ќе биде 325.000 метри квадратни.
А. АНТЕВСКА