ЛУТО СЛАТКО ОД ПИПЕРКИ СО ТЕМНО ЧОКОЛАДО, ЏЕМОВИ ОД КРУША СО ЛАВАНДА И НАНЕ – НОВИ ВКУСОВИ НА БИТОЛСКИОТ САЕМ ЗА ОРГАНСКА ХРАНА

    ЛУТО СЛАТКО ОД ПИПЕРКИ СО ТЕМНО ЧОКОЛАДО, ЏЕМОВИ ОД КРУША СО ЛАВАНДА И НАНЕ – НОВИ ВКУСОВИ НА БИТОЛСКИОТ САЕМ ЗА ОРГАНСКА ХРАНААлександра Лозановска од Демир Хисар е машински инженер, но одлучи да се занимава со производство на здрава храна и го создаде брендот „моја бавча“. (Фото: СДК.МК)

    Луто слатко од пиперки со темно чоколадо, џемови од домат, бела слива, од круша со лаванда и нане, капина, рибизла, од јаболко со ванила и цимет, шери во маслиново масло, веге намази, се само дел од големиот асортиман на оригинални органски производи што ги прави со продукти од својата бавча Александра Лозановска од Демир Хисар. Таа по професија е машински инженер, но одлучи да се занимава со производство на здрава храна и го создаде брендот „моја бавча“.

    „Сè сами произведуваме од семче до готов производ во тегла. Идејата беше дека здравата храна може да ја добие секој човек, а не само ние производителите да ја јадеме. Ги засукавме ракавите зашто за ова сака многу труд. Се исплатува ако си иновативен и смислуваш нови вкусови. Производи имаме од благи до солени и ништо не купувам за да ги подготвам. Сè имам во дворот или во баvчата“, кажува Лозановска, која учествува на манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“ што во организација на Зелена берза, поддржано од Министерството за земјоделство, се одржа во Битола.

    Странски туристи ја посетуваат бавчата на Лозановска каде сами можат да наберат земјоделски производи кои не се прскани, а потоа во нејзиниот двор се готвaт домашни традиционални јадења како питулици, зелници, мазници, макала, чипс од суви пиперки и друго.

    Верица Бутлевска, уште една учесничка на манифестацијата, триесет години работела во Битола на хортикултура, а откако се пензионира стана земјоделка и отвори вила меѓу битолските села Кажани и Ѓавато каде гостите може да вкусат органска храна.

    „Призведувам домати, пиперки, кељ, прокељ, праз, компир… Правам домата, зимница, сушам печурки со дехидратор, од нив подготвувам чорба, зелници. Има интерес, на минување прашуваат луѓето за да купат и влегуваат, гледаат дека тоа е органско производство, дека не е прскано. Природно и со љубов направено“, вели Бутлевска.

    Верица Бутлевска триесет години работела во Битола на хортикултура, а откако се пензионира отвори вила меѓу битолските села Кажани и Ѓавато каде гостите може да вкусат органска храна. (Фото: СДК.МК)

    Македонија не е Италија, но битолчанецот Ѓорги Тошев веќе една година произведува домашни тестенини за продажба.

    „Имаме од традиционалните кори што ги правеле нашите баби, сега вклучуваме и нови вкусови како што е црвена пиперка, вргањ, тестинана со лук, спанаќ, блитва, домашни лазањи… Целата постапка е домашна со испочитувани стандарди што ги бара Агенцијата за храна, внимаваме на хигиената и квалитетната исхрана“, вели Тошев.

    Ова беше трет Саемот на македонска традиционална храна во Битола кој има за цел да ја промовира македонска храна и на едно место да ги собере производителите, преработувачите и иноваторите на нови вкусови на храна од сите страни на Македонија. Целта на организаторот Зелена берза е преку оваа манифестација да поттикне и поинтензивниот развој на органското земјоделство и секако, одржување на бројот на жители во руралните средини и позабрзан развој на селата. Од Зелена берза велат дека во последниве години забележлив е трендот на зголемено органско производство во земјава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира