Ураганот Ијан остави патека на уништување во југозападна Флорида и повеќе од два милиона луѓе без струја откако синоќа го погоди брегот со катастрофална сила. Носејќи ветрови од 240 километри на час, поројни дождови и силни бранови, Ијан потопи крајбрежни заедници како ураган од четврта категорија и еден од најнасилните во историјата на САД.
Најтешко погоден град е Форт Маерс, во чија близина беше центарот на ураганот.
Осум часа по доаѓањето, тој беше деградиран во ураган од прва категорија, со ветрови до 150 километри на час. Сепак, тој и натаму е проследен со поројни дождови на копното, заканувајќи се со дополнителни поплави.
Нема информации дали има загинати и повредени, зашто граѓаните со денови беа предупредувани на опасностите од ураганот. Гувернерот Рон ДеСантис кажа дека неодреден број луѓе е заглавен во своите домови откако не ги послушале наредбите за евакуација.
Американските гранични власти кажаа дека 20-ина кубански мигранти се водат како исчезнати откако нивниот чамец се превртел покрај брегот на Флорида додека Ијан се доближуваше.
Во очекување на ураганот, сојузните држави Џорџија, Јужна Каролина, Северна Каролина и Вирџинија прогласија вонредна состојба.