Министерството за здравство веќе одум месеци го има укина буџетот за бесплатни прегледи и лабораториски прегледи во тек на бременост и бесплатно породување за бремени жени кои се надвор од систем на задолжително здравствено осигурување. Буџетот за оваа ставка е укинат од Програмата за активна здравствена заштита за мајките и децата со образложение дека согласно законот, сите граѓани имаат право на здравствено осигурување, вели Борјан Павловски, координатор на Програмата за јавно здравје и здравје на жените, како и претставник на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Но, тој посочува дека нивните наоди на терен покажуваат поинаква ситуација, дека има граѓани кои се соочуваат со реални проблеми што не им овозможуваат да бидат здравствевно осигурани.
„’Немав здравствено осигурување четири месеци, затоа што фирмата каде што работев не ми платила придонеси, а потоа фирмата отиде во стечај. Поднесов пријава во Трудовиот инспекторат и чекав 23 дена, дури потоа можев да добијам здравствено осигурување’, ни рече 22-годишна жена од Делчево. Воедно потребата од плаќање на придонес за здравствено осигурување за невработени лица претставува пречка за обезбедување на здравствено осигурување. ‘Шест месеци немав здравствено осигурување. Бевме осигурани врз основа на вработеност и јас и мојот сопруг, меѓутоа во исто време останавме без работа и јас си сопругот. Бидејќи имаме повеќе од 245.000 денари приход за ланската година, требаше да плаќаме 1.500 денари во Фондот. Ние немаме доволно пари и останавме без здравствено осигурување целото семејство’, ни рече 40-годишна жена од Делчево“, вели Павловски.
Тој укажува дека здравствената заштита за време на бременоста е од исклучително значење за здравјето на мајката и детето и мора да се спроведе во точно назначени временски периоди. Несоодветна здравствена заштита за време на бременоста и при породувањето може да резултира со нарушено здравје, па дури и смртен исход за мајките и новороденчињата.
„Поради тоа, бараме од Министерството за здравство веднаш да усвои мерка и буџет за да обезбеди бесплатна здравствена заштита за време на бременоста и при породувањето за сите жени без разлика на статусот на здравствено осигурување“, велат претставници од Програмата за јавно здравје и здравје на жените и ЕСЕ.
Од Министерството за здравство одговорија дека согласно Законот за здравственото осигурување, сите граѓани во државата имаат законска можност да се вклучат во системот на задолжителното здравствено осигурување.
„Воедно, на оние жени кои не можат да бидат опфатени со системот на задолжителното здравствено осигурување од причина што се лица без идентификација, Програмата им обезбедува бесплатни прегледи во текот на нивната бременост и раѓање. Законот дава можност граѓаните по различни основи да се пријават во системот. Доколку некои граѓани немаат статус на осигуреници, тоа не значи дека немаат законска можност. Граѓаните имаат можност да се обратат со барање до надлежните подрачни единици на Фондот за здравствено осигурување“, се вели во писмениот одговор на Министерството за здравство.
Ж. ЗДРАВКОВСКА