Големата руска групација во Лиман е опколена и населбите околу градот се повторно заземени, вели Серхи Черевати, портпарол на украинските сили на исток. Тој за украинската телевизија изјави дека „нашите податоци покажуваат оти околу 5.000-5.500 руски војници биле во Лиман“, но рече дека тој број сега е помал поради неодамнешната „активна борбена акција“ во која многу руски војници беа убиени или ранети. Черевати рече дека сите континуирани обиди за пробив на руските трупи пропаднале.
Тој зборуваше и за важноста на Лиман, кој, ако биде освоен од украинските трупи, ќе им овозможи да напредуваат кон Кремина и Северодонецк, кои се клучни упоришта под контрола на Русија.
„Тоа е исто така многу важно психолошки, бидејќи – како што рече претседателот Зеленски вчера – вооружените сили на Украина почнуваат да ја диктираат својата волја – а не само да се бранат“. Сепак, воената операција „сè уште не е завршена“, заклучи тој.
Руските трупи во Лиман побараа од нивните претпоставени да го напуштат градот – но ова барање беше одбиено, изјави висок украински функционер.
Регионалниот шеф на Луганск Серхи Хајдаи вели дека руските војници сега имаат само два избора: да се обидат да се пробијат или да се предадат. Хајдаи додава дека речиси сите патишта за повлекување и снабдување со муниција сега се отсечени од Лиман.
Вчера Денис Пушилин, лидерот на регионот Доњецк, инсталиран од Русија, рече дека Лиман е „полуоопколен“ и дека руските сили се држат „со последните сили“.