Организацијата Хабитат Македонија денеска го одбележа Светскиот ден на домувањето преку презентација на можностите како да се унапреди енергетската ефикасност во станбените згради со реновирање на одделните делови на зградата, со поставување изолација преку достапни модели за финансирање, како и на мерките за промена на однесувањето за поефикасно користење на енергијата, .
Хабитат Македонија истражуваше како влијаат социо-економските параметри на домаќинствата, врз потрошувачката на електрична енергија. Но, и колкава е подготвеноста за инвестирање во мерки за подобрување на енергетската ефикасност. Беа посочени примерите на четири висококатници во Карпош, изградени во период меѓу 1965 и 1980 година, за кои беа осмислени мерки кои може да се преземат, но и пресметки за тоа колкави заштеди на енергија би оствариле. Настанот беше организиран во соработка со општина Карпош како дел од проектот CоmAct – Активности за намалување на енергетската сиромаштија во станбени згради, финансиран преку програмата на Европската комисија „Хоризонт 2020“.
„Подобрувањето на енергетската ефикасност во градовите и во станбените згради претставува посебен предизвик, што е особено изразено во постојните големи префабрикувани станбени згради, кои денес не само што имаат последици од лошиот квалитет на конструкцијата, туку се под силно влијание на нередовното одржување и реновирање. Темата на овогодинешниот Светски ден на домувањето е ‘Внимавајте на разликите. Не оставајте никого и ниту едно место да заостане’, што целосно ги отсликува заложбите на Хабитат Македонија за унапредување на енергетската ефикасност и надминување на проблемите со енергетската сиромаштија кај домаќинствата со ниски приходи, особено на оние кои живеат во станбени згради“ , кажа Лилјана Алчева, заменичка-директор за програма на Хабитат Македонија.
Хабитат Македонија повеќе од една деценија работи на прашањето на подобрување на енергетската ефикасност во домувањето преку обезбедување на управување и финансиска поддршка за намалување на губитокот на енергијата преку енергетска реконструкција на фасадите, промена на надворешните прозорци и врати и/или санација на покривите. Хабитат обезбедува и финансиски модели за да им овозможи на граѓаните и заедниците на станари во станбените згради да ја подобрат својата енергетска ефикасност. Соработуват и со општините за обезбедување на субвенции.
Хабитат Македонија е здружение за хумано домување, невладина организација дел од Habtat for Humanity International, посветена на обезбедување едноставни, пристојни и достапни домови за лицата со ниски приходи, без разлика на нивната етничка, полова и верска припадност. Од почетокот на своето работење од 2005 година, Хабитат Македонија поддржа повеќе од 10.000 семејства во обезбедување на подобри услови за домување.