Иако Владата ја укина забраната за организирање училишни екскурзии уште во април, во средните училишта сè уште не може да се организира генерациска или друга екскурзија. Причина за тоа е што Правилникот за начинот на изведување училишни екскурзии за средните училишта не е променат и содржи услови кои можеа да се исполнат пред коронакризата, но сега се тешко остварливи. Членот 21 предвидува туристичката агенција која ќе се пријави на огласот да мора да има успешно реализирани најмалку три ученички екскурзии и други слободни активности во последните три години.
Некои училишта во годишните програми за работа имаат предвидено екскурзии, некои добиле и позитивни мислења од Бирото за развој на образованието, но не можат да ги реализираат.
Под знак прашалник се и генерациските екскурзии на средношколците кои требаше да патуваат минатата школска година, но поради ковидот ваквите настани беа одложени за годинава. Исто така, и екскурзијата на учениците од четврта година, зашто и таа треба да се реализира на почетокот на завршната или на крајот на претходната учебна година. Со ова се погодени токму оние генерации кои две години поминаа на онлајн настава.
На новинарско прашање дали укинувањето на забраната е само проформа кога сè уште не може да се патува, министерот за образование Јетон Шакири рече дека доколку училиштата достават барање за измени на правилникот, ќе го разгледаат, а дотогаш мора да се почитуваат пропишаните одредби.
„По ковид пандемијата конечно дојде времето да се организираат и екскурзии. Но, би сакал сите основни и средни училишта да ги почитуваат условите и начинот на организирање екскурзии зашто се многу важни и техничките документи, но исто така и начинот на кој се организираат. Ако се достави допис за овие проблематики, ќе го разгледаме правилникот, но и начинот“, рече Шакири.
Со оглад на тоа дека постапката за организирање екскурзии е долга бидејќи подразбира формирање комисии, објава на јавен оглас, прибирање понуди, избор и период на жалби, тешко дека предвидените екскурзии за оваа година ќе можат да се реализираат до крајот на годинава. Доколку се префрлат за следната, ќе треба нова согласност од надлежните.
Ж. ЗДРАВКОВСКА