ЕУ ПРЕФЕРИРА МАКЕДОНИЈА ДА ВЛЕЗЕ ВО ПАКЕТ СО СРБИЈА, ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈА

    ЕУ ПРЕФЕРИРА МАКЕДОНИЈА ДА ВЛЕЗЕ ВО ПАКЕТ СО СРБИЈА, ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈАЗаменик-амбасадорот на ЕУ во Скопје Џулијан Васало вели дека интерес на ЕУ е да има забрзана интеграција, да не се чека Македонија да биде дел од ЕУ за да може да има корист земјата. (Фото: СДК.МК)

    Заменик-амбасадорот на ЕУ Џулијан Васало вели дека целта што си ја постави македонската влада до 2030 година да биде подготвена за членство во ЕУ е остварлива, бидејќи земјата не ги почнува преговорите од нула. На денешниот брифинг за новинарите за скрининг процесот, кој веќе е започнат и треба да трае нешто над година година, тој кажа дека е можно Македонија да ги стигне Србија и Црна Гора кои од поодамна преговараат со ЕУ.

    „ЕУ не сака да прима поединечно земји, туку да собира земји и во бранови да се проширува, од практични причини. Тоа што Србија и Црна Гора имаат отворено поглавја во преговорите е предност за Северна Македонија и Албанија. Вие не почнувате од нула и верувам дека ако има политичка волја реално е да се очекува да ги стигнете Србија и Црна Гора. ЕУ преферира сите заедно да влезете“, вели Васало.

    Васало вели дека интерес на ЕУ е да има забрзана интеграција, да не се чека Македонија да биде дел од ЕУ за да може да има корист земјата, туку да добие финансиска поддршка и да учествува на експертски состаноци и други иницијативи уште додека трае преговарачкиот процес.

    „За нас вие сте идни партнери на масата, во наш интерес е да ви помогнеме да ги исполните стандардите“, вели тој.

    Васало кажа дека идната година ова време скринингот ќе биде при крај и кај нас и во Албанија и тогаш земјата ќе биде пред избор дали ќе го промени Уставот и заедно со Албанија ќе ги продолжи преговорите.

    „Веќе нема Грци, Французи, Бугари. Сега одлуката е ваша. Само треба да се исполни обврската кон Бугарија“, кажа Васало.

    Во врска со уставните промени, Васало вели дека опозицијата постојано повторува дека ги поддржува европските интеграции и дека во одреден момент ќе треба да преземе одговорност, доколку сака да ја види земјава како го продолжува својот пат.

    Прашан за бугарските провокации со имињата на бугарските клубови во Македонија, тој одговори дека ЕУ не сака да се бави со историја.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира