Владимир Путин потпиша декрет со кој ѝ нареди на руската влада да ја преземе контролата врз нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа.
Русија ја окупираше областа околу нуклеарката уште во март, но украинските техничари продолжија да оперираат со неа. Директорот на нуклеарката Игор Мурашев беше приведен од руските сили викендов.
„Нуклеарната централа Запорожје сега е на територијата на Руската Федерација и согласно со тоа, треба да работи под супервизија на нашите релевантни агенции“, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Вершинин.
Со декретот што го потпиша Путин, нуклеарката станува федерална сопственост на Русија.
Запорожје е еден од четирите украински региони што Русија ги анектираше во изминатите денови, иако не е под целосна контрола на руските сили.
Украинската државна агенција за атомска енергија „Енергоатом“ соопшти дека декретот на Путин е безвреден.
„Штета е што се обидуваат да ги вмешаат и украинските професионалци кои херојски работеа под окупација повеќе од седум месеци“, објави „Енергоатом“.