ЗА ФАШИСТИ НЕМА МЕСТО ТУКА, КАЖАА ДЕМОНСТРАНТИТЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА БУГАРСКИОТ КЛУБ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИД

    ЗА ФАШИСТИ НЕМА МЕСТО ТУКА, КАЖАА ДЕМОНСТРАНТИТЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА БУГАРСКИОТ КЛУБ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИДТоме Блажески, претседателот на бугарскиот клуб „Цар Бори Трети“, рече дека протетсот е исполитизиран. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со пароли, знамиња и скандирања, денеска во Охрид граѓаните масовно излегоа на протест против отворањето на бугарскиот културен центар „Цар Бори Трети“ од истоименото здружение на Бугарите во Македонија. Протестот го организираше Левица, а го поддржа и ВМРО-ДПМНЕ. Се пееја македонски песни, македонската химна, се извикуваше „фашисти“ и „Татари“. Демонстрантите револтотирани фрлаа со јајца со што го демолираа новоотворениот бугарски клуб. Иритирани и гневни, демонстрантите изјавија дека за фашизмот нема место во една демократска земја.

    Со пароли порачаа „Фашизмот мора да падне, ова не е место за бугарскиот Хитлер“, „Со фашисти не сме исти, ние сме антифашисти“. „Европската унија го гледа ова и ќути. Јас не сакам да влезам како фашист во ЕУ оти фашизмот на никој не му донесе благосостојба. Носи крв, терор, криминал. Ние што треба сега да се плашиме од фашистите или тие да се плашат од нас?“. Овај народ тука се кажува, ова е голем срам за сите нас“.  „Ова е фашистички клуб. Цар Борис е фашист, а во една демократска земја за фашисти нема место“.

    Со пароли порачаа „Фашизмот мора да падне, ова не е место за бугарскиот Хитлер“, „Со фашисти не сме исти, ние сме антифашисти“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Полицијата не дозволи насобраниот народ да ја премине улицата каде се наоѓа клубот во кој беа преставниците на бугарскиот културен центар, бугарскиот амбасадор, конзулите од Скопје и Битола, помагателот на клубот Милен Врабески и преставници на политички партии од Бугарија.

    Според Томе Блажески, претседателот на бугарскиот клуб „Цар Бори Трети“, очекувана била масовноста и револтот кај граѓаните оти политичките партии ги повикале да протестираат. Целата работа, како што вели, е исполитизирана.

    „Ако повикам и јас луѓе ќе се соберат тука. Ние сме почитувачи на ликот и делото на Цар Борис Трети и пред една година го отворивме здружението со сите документи и почит кон државата, институциите и законите. Нас никој не нè стопира или забрани, но после една година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Немаме никаква соработка или некоИ нацистички или фашистички движења, само го избравме ликот на Цар Борис како еден бугарски цар“, рече Блажевски и додаде „Дали сме Бугари од Македонија, Мизија, Тракија, ние сме еден народ“.

    Вчера, по повод протестот Министерството за надворешни работи (МНР) апелираше „до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став“.

    „Северна Македонија, како демократска земја во која слободите и правата на човекот и граѓанинот се издигнати на ниво на темелна вредност на Уставот и државноста, ќе продолжи да го заштитува правото на сите граѓани и заедници да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Во контекст на горенаведеното, ги замолуваме сите чинители да се воздржат од обиди за злоупотреба на своите права и слободи, особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите“, соопшти МНР.

    Од Левица сметаат дека ова е уривање на уставниот и државен поредок на Македонија и разгорување на национална омраза, оти бугарскиот културен клуб носи контроверзно име поврзано со фашизмот. Претходно, до Основното јавно обвинителство во Охрид партијата поднесе и иницијатива за забрана за работата на Здружението „Цар Борис Трети“, а обвини и дека пред протестот полицијата вршела притисок врз раководството на нивниот локален огранок од Охрид.

    Полицијата не дозволи насобраниот народ да ја премине улицата каде се наоѓа клубот во кој беа преставниците на бугарскиот културен центар, бугарскиот амбасадор, конзулите од Скопје и Битола, помагателот на клубот Милен Врабески и преставници на политички партии од Бугарија. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Царот Борис Трети, по кој е именуван бугарскиот клуб во Охрид, владееше со Бугарија од октомври 1918 година до неговата смрт во август 1943 година. По водство на Борис Трети, во бугарската историографија познат како „Царот обединител“ зашто во соработка со Силите на оската земјата ја проширува во границите на Санстефанска Бугарија, Бугарија влезе во Тројниот пакт на нацистичка Германија, Италија и Јапонија. Во април 1941 тој дозволи германските сили од територијата на Бугарија да го нападнат Кралството Југославија, и за награда доби територии од распаднатата југословенска држава и Грција, меѓу кои голем дел од денешна Македонија. Во март 1943 година, Бугарија депортираше над 11 илјади евреи од окупираните територии во концентрационите логори Аушвиц и Треблинка, од кои 7.144 само од денешна Македонија. Почина неочекувано на 28 август 1943, набрзо по посетата на Хитлер. На престолот го наследи син му Симеон Втори, кој остана на чело на бугарската држава до септември 1946, а кој од јули 2001 до август 2005 беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.

    Пратеничката Рашела Мизрахи пред отворањето на клубот во Охрид најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Закон за измена и надополна на Законот за здруженија и фондации, со што не само што ќе се спречи идно формирање на вакви квазикултурни клубови, туку и ќе може да се реагира за веќе постојните.

    „Пред дваесет и две години на третата конференција за Холокаустот во Стокхолм, поточно во 2000 година, барањето на Република Бугарија да биде прогласена за земја праведник – земја која ги заштитила Евреите од депортација, беше одбиено од учесниците на конференцијата со образложение дека монархистичкиот режим во Бугарија предводен од Цар Борис Трети и Владата на Богдан Филов изврши депортација на 11.363 Евреи од Македонија, Тракија и југоисточните делови на Србија. Како што знаете, Македонија во текот на Втората светска војна загуби 7.144 Евреи од Македонија кои беа депортирани од бугарската фашистичка војска во логорот на смртта Треблинка, од каде никој не се врати. Во нивно спомен-обележје во Скопје е изграден Меморијален центар, кој воедно е и единствениот сефардски Меморијален центар во светот. Официјалната документација која ја раскажува вистината за овие случувања во време на Втората светска војна се наоѓа во самиот Меморијален центар, меѓутоа и во вашингтонскиот Меморијален центар како и Јад Вашем во Израел и се јавно достапни. Во последниве две години, на политичката сцена во Македонија и Бугарија, за жал се повидливи стануваат актерите кои се залагаат за ревидирање на историските факти што меѓу останатото резултира со обиди за искривување на вистината за холокаустот на Евреите од Македонија. Секако ова е во целосна контрадикторност со Резолуцијата на Обединетите Нации за спречувањето на негирање на холокаустот од 20 јануари 2022, како и дефиницијата на IHRA која е усвоена од Европската Комисија“, рече Мизрахи и додаде:

    „Само еден елемент на овој процес е отворање на т.н. ‘културни центри’ со називи на контроверзни историски личности и фашисти, како што е Цар Борис III, кои имале директно учество во геноцидот на Евреите од Македонија. Би сакала да нагласам дека Евреите од Македонија се дел од Европското семејство и ваквите процеси, за мене, а верувам и за Вас се неприфатливи и претсавуваат повеќе од сериозна провокација. Ова што се случува е силување на македонскиот народ, неговото антифашистичко минато преку наметнување на вредности на Третиот рајх затскриени преку злоупотребата на Европската ѕвезда. Ова не се европски вредности. По, Ванчо Михајлов и Цар Борис трети, не спорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители. На крајот на денот, не се само Евреите. Македонскиот народ памети колку жртви дал за ослободување од војските испратени од оној на кој денес во Охрид му се отвора културен центар. Секоја педа од оваа земја е натопена со партизанска крв“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира