Министерството за надворешни работи апелира до сите државјани на Република Северна Македонија да се воздржат од патување во Исламската Република Иран, поради масовните и насилни протести во различни делови од земјата, а особено во Техеран, соопштија денеска од министерството.
Оттаму додаваат ако наши граѓани во моментот се наоѓаат на територијата на Иран, Министерството за надворешни работи да останат на безбедни локации, да избегнуваат јавни собири и доколку немаат суштинска причина, да ја напуштат земјата.
За дополнителни информации, велат од МНР, сите наши граѓани, кои се наоѓаат во или надвор од државата, да ги следат само официјалните канали на Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и на Амбасадата на Северна Македонија во Софија, како надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Иран.
„Нашите државјани може да се обратат и на дежурниот телефонски број на Министерството за надворешни работи +389 75 273 732 и следната и-мејл адреса: [email protected]“, се вели во соопштението.
Протестите во Иран почнаа по смртта на 22-годишната Махса Амини на 16 септември. Таа почина во притвор во Техеран откако беше уапсена од полицијата за спроведување морал затоа што наводно не ѝ била соодветно покриена косата.