Физичко лице на диво наплаќа паркинг на државно земјиште во центарот на Струга. На узурпираниот простор кој се наоѓа наспроти хотел „Дрим“ поставен е натпис за паркинг и работно време од 24 часа, па на граѓаните им се наплатува по 100 денари за паркирање без фискална сметка и со тоа незаконски остварува профит.
Од Пазарниот инспекторат во Струга потврдија дека во центарот на Струга е направена узурпација на државно земјиште од страна на физичко лице, а направен бил и инспекциски надзор по што лицето заработило прекршочна пријава за забрана на вршење дејност.
„Имаме мерка по Закон за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност на физичко лице и решение за забрана за вршење дејност 30 дена“, вели Шпендим Илјази, раководител на одделението за инспекциски надзор Струга.
Според Законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност лицето кое врши дејност која не е регистрирана кај надлежен орган, му се изрекува глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност.
Но, и покрај казната лицето и понатаму незаконски си наплаќа за паркирање. Стружани се гневни што некој со години профитира на државно земјиште. Велат дека само со пријавување и барање фискални сметки може да се стави крај на самоволието на поединци кои не бираат начин и средства за да профитираат.
„Инспекторите од Министерството за внатрешни работи собраа докази, сега се на ред останатите надлежни служби, инспекторатите, обвинителството и судот. Се надевам дека конечно по повеќе години паркингот кај ‘Фидеко‘ ќе се врати на граѓаните и нема никој вонзаконски да им наплаќа“, вели Васко Јолевски кој јавно објави видео за нелегалната заработка на дивиот паркинг.
На објавеното видео лицето вели дека се вика Каља Имир и признава дека работи на диво, но вели никој не му може ништо.
„Ја сум фалц. Јас сум на црно, фискална не ми треба. Сопственик сум на земјиштево и овде ќе платиш ако не ќе ти ги избушам гумите“, вели во дел од видеото лицето кое со години си наплаќа на ова место.
Дел од граѓаните велат дека и минатата година лицето добило пријава, но и покрај тоа тој повторно на истиот паркинг наплаќа, а наместо да одговара тој просторот го заградил со столпчиња.
За да се увериме денеска се паркиравме на просторот. Ни побара 100 денари, а ни кажа и дека во тек се активности за уредување и поставување заштитници за да се знаело до каде е негово местото. Немал фискална оти документите му биле во фаза на средување.
„Ова е приватен паркинг и овде се плаќа. Може за 100 денари цел ден да ја оставите колата. Немам фискална оти ми се средуваат документите. Од 7 часот до полноќ ми е 100 денари, а ако е за кратко може 50 денари. Од бандерата натака е место за зградата, а од овде се плаќа. Ги фарбам столпчињата, па ќе ги ставам“, ни кажа лицето кое и покрај забраната за вршење дејност и понатака им наплаќа на граѓаните за паркирање на нивните автомобили.
С. ВРЕНЦОВСКА