РЕПЕРТОАРОТ НА ТЕАТРИТЕ И ОПЕРАТА ЌЕ ЗАВИСИ ОД СЕПТЕМВРИСКИТЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА

    РЕПЕРТОАРОТ НА ТЕАТРИТЕ И ОПЕРАТА ЌЕ ЗАВИСИ ОД СЕПТЕМВРИСКИТЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈАСцена од последната премиера на МНТ, „Лагата“, која се изведе минатата сабота. (Фото: К. Галевски)

    Директорите на културните институции во земјава ги очекуваат сметките за струја за септември од кои, велат, ќе зависат репертоарите на сцените. Со одлука на Владата, од 1 септември држвните институции треба да трошат 15 отсто помалку струја споредено со истиот месец лани, а ќе има санкции за раководителите на институциите ако не се спроведе оваа мерка за штедење.

    Овие мерки ќе важат до 31 март следната година, а предвидено е исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се печатат само потребните материјали и да се заменат прозорците со енергетски ефикасни.

    Директорката на Македонскиот народен театар (МНТ) Симона Угриновска вели дека Театарот само што се опорави од поплавата што им се случи по обилните дождови на 30 август и од 1 октомври почнаа да работат со полна пареа. Но, со оглед на енергетската криза, сѐ уште не знаат како ќе продолжат понатаму, зашто, вели, не постојат големи и мали претстави.

    „Во секој случај, за да се одигра една претстава неопходно е да се вклучи сценското осветлување, редуцирано осветлување за да влезе публиката во објектот и секако кога ќе дојдат постудени месеци потребно е да го вклучиме греењето на салонот. Со оглед на фактот дека кога МНТ во август беше на колективен одмор сметката за струја беше над 900.000 денари, не можеме да претпоставиме колкава би била со тековниот репертоар. Освен редовниот репертоар, се одржуваат и проби за претставата ‘Сите сме птици’ во режија на Слободан Унковски чија премиера е предвидена за декември. Што се однесува до мерките за штедење, лифтовите се исклучени, осветлувањето на фасадата на зградата е исклучено, а системот за ладење и греење во МНТ исклучен е уште во март. Со еден збор, нѐ очекува тешка и неизвесна сезона“, вели Угриновска.

    Националната опера и балет (НОБ) на крајот на август беше исклучена од струја поради неплатени сметки. Исклучувањето беше по налог на компанијата ЕДС и од ЕВН-Македонија.

    За тоа дали репертоарот ќе има измени поради енергетската криза, генералнот директор на НОБ, Васко Ристов ни рече дека со Годишната програма за 2022 , која сѐ уште е во тек, имаат обврска да ги реализираат програмските активности согласно Договорот со Министерство за култура заклучно со декември оваа година. Дел од програмата е реализирана, а периодов ја подготвуваат премиерата за балетската претстава „Пепелашка“.

    „Енергетската светска криза (покачување на цената на струјата), наложи промена во оперативната динамика во репертоарот на Националната опера и балет. Како институција, сме задолжени да се водиме согласно препораките за намалување на потрошувачката на топлинска и електрична енергија, па оттука, согласно истите изготвивме проекции за репертоарот на НОБ заклучно до 31 декември 2022. Во исчекување сме на сметката за струја за месец септември, па ќе одлучиме дали ќе го активираме планот кој налага редуцирање на активностите, за чија реализација од големо значење е потрошувачката на енергија за која сме задолжени да биде помала за 15% од тековниот месец минатата година“, рече Ристов.

    Активностите на Империјал салата, каде се одржуваат пробите за оркестар и хор, големата и мала балетска сала, Мала сцена, Големата сцена, според метод на согледување и минати статистики спроведени од нашите стручни лица, имаат најголем удел во зголемување на киловатите на месечно ниво, додава Ристов.

    „Ова може да се одрази како пример: репертоар со помалку претстави во месец или повеќе во квантитет, но исти претстави, што пак ќе резултура со намалување на подготвителниот процес за претставите (проби за ансамблите, оркестарски, хорски, режиски, сценско-оркестарски, генерални проби и слично. Кон прашањето за пократки претстави, можам да дополнам дека сме ја разгледувале и таа опција, уште во екот на ковид-19 пандемијата, за дополнување на нашиот репертоар со едночинки, освен постоечките како пример ‘Рита’, ‘Палјачи’, ‘Кавалерија Рустикана’, но и за продукција на нови наслови од овој формат“, вели Ристов.

    Ристов смета дека во НОБ се штеди, согласно сетот мерки, препораки и задолженија од Владата, доставен е документ до сите сектори и одделенија, каде се информираат вработените за мерките и нивно практично спроведување.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира