Русија утрово лансираше нови ракетни напади на украински енергетски објекти, при што три експлозии се регистрирани во северниот дел на Киев. Две постројки се сериозно оштетени во Днепар, а ракетирања имало и во Харкив, Миколаив, Житомир и Запорожје.
Овие удари следуваат 24 часа по нападите со камиказе дронови, во кои загинаа осум цивили во Киев и во северниот град Суми и беше погодена клучна инфраструктура. Украинските власти ги идентификуваа дроновите како „шахед-136“, што Русија наводно ги добила од Иран.
„Руските окупатори продолжуваат да го прават она што најдобро го знаат: да тероризираат и убиваат цивили“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
САД, Франција и Велика Британија кажаа дека извозот на иранските дронови е прекршување на резолуции на Обединетите нации и Вашингтон соопшти дека нема да се двоуми да воведе нови санкции за Иран, кој постојано демантира дека воено ја помага Русија.
Европската Унија објави дека собира докази за овие обвинувања и дека е подготвена да реагира.