Рускиот претседател Владимир Путин ги прекршил европските санкции кога му испратил 20 шишиња вотка на Силвио Берлускони како роденденски подарок, заклучи Европската комисија.
Бившиот италијански премиер, чија партија Напред Италија треба да биде дел од новата владина коалиција, предизвика контроверзи оваа недела кога откри дека ги обновил контактите со Путин и дека почнале да си разменуваат „љубовни писма“.
„За мојот роденден ми прати 20 шишиња вотка и љубовно писмо“, им рекол 86-годишниот Берлускони на своите сопартијци од долниот дом на парламентот, според аудиоснимката што ја објави новинската агенција „ЛаПрес“.
Со санкциите што ЕУ ги усвои во април беше проширена забраната за извоз на руски добра, што го вклучи и алкохолот, соопшти Европската комисија.
Наспроти коментарите на Берлускони за Путин и војната во Украина, идната италијанска премиерка Џорџија Мелони нагласи дека нејзината влада ќе биде целосно посветена на НАТО и ЕУ.