НАД 300 СТУДЕНТИ ОД САМОХРАНИ СЕМЕЈСТВА ДВЕ ГОДИНИ БАРААТ ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА СТУДИРАЊЕ, ВЛАДАТА И СОВЕТОТ ГИ ВРТАТ ВО КРУГ

    НАД 300 СТУДЕНТИ ОД САМОХРАНИ СЕМЕЈСТВА ДВЕ ГОДИНИ БАРААТ ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА СТУДИРАЊЕ, ВЛАДАТА И СОВЕТОТ ГИ ВРТАТ ВО КРУГИницијативата е на младите на здружението „Една може“, - Од маршот на самохраните семејства во февруари. (Фото: Принтскрин од видео)

    Младите на здружението „Една може“ повторно ја покрена иницијативата со новиот Закон за високо образование, во делот на студенти ослободени од партиципација, покрај наведените категории да се вметнат и студентите од самохрани семејства. Од Здружението велат дека иницијативата на која работат две години, во јули повторно ја испратиле до Владата и до претседателот на Советот за високо образование и научно-истражувачка дејност, но досега немаат добиено одговор.

    Претходно, вакви барања праќале до Владата и ресорните министерства. А уредбата составена со соработака со Здружението на млади правници за студентите од самохрани семејства да не плаќаат партиципација, исто така и претходно ја имале испратено до Советот за високо образование од каде добиле нејасен негативен одговор.

    „По направената онлајн евиденција, на нашите официјални профили, повеќе од 300 студенти од самохрани и еднородителски семејства сè уште немаат законска основа за олеснување на студентскиот живот преку пониска студентска партиципација. Од 12 октомври до денес се пријавија повеќе од 300 студенти коишто студираат на еден од државните универзитети. Од нив, 289 студенти потекнуваат од самохрани семејства, додека пак 20 студенти од разведени семејства или невенчани партнери, кои за жал не се видливи пред институциите“, вели Станиша Станковиќ од „Една може“.

    Според направената анализа на ова Здружение, 208 студенти од самохрани семејства студираат на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, 49 на „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, додека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола брои 31 таков студент. Младите на „Една може“ веќе две години работат на унапредување на правата на младите од самохрани семејства. И по неколку апели до надлежните институции, изостанува законската основа за пониска партиципација за студирање на државните универзитети.

    „На добра волја на ректорските управи, УКИМ втора година по ред излегува во пресрет исклучиво на студентите од самохрани семејства, со лимитиран број на студенти-апликанти од секоја година, програма и квота, додека пак УКЛО даде ветувања за следната академска година. Во тек се актуелни преговори со Универзитетот во Штип, во кои очекуваме објавување на конкурс во брз период“, велат младите од „Една може“.

    Од Владата на нашето прашање каков е нивниот став за иницијативата ни одговорија дека здружението треба да се обрати до Националниот совет за високо образование, за каде пак, младите на „Една може“ веќе рекоа дека ја испратиле уредбата.

    „Информираме дека од страна на Владата веќе е усвоена Уредба за правото на лицата со инвалидност и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање (Сл. Весник на РСМ бр. 61/2022 од 15.3.2022), која ја предложи Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. За да бидат опфатени и студенти кои потекнуваат од еднородителски семејства со оваа уредба, потребно е иницијаторот на овој предлог да се обрати до Националниот совет“, се вели во писмениот одговор од Владата.

    Согласно член 128 од Законот за високото образование, од плаќање партиципација за студирање се ослободени лица без родители помлади од 26-годишна возраст, ако се невработени, воени инвалиди, лица растени во домови за напуштени деца ако се невработени, лица со инвалидност, согласно уредбата која ја донесува Владата по предлог на Националниот совет и други лица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира