КИНА ЈА ПОТВРДИ ДОМИНАЦИЈАТА НА ШЈИ ЏИНПИНГ, ПРЕМИЕРОТ ЛИ КЕЧИЈАНГ ОТПАДНА ОД ПАРТИСКИОТ ВРВ

    КИНА ЈА ПОТВРДИ ДОМИНАЦИЈАТА НА ШЈИ ЏИНПИНГ, ПРЕМИЕРОТ ЛИ КЕЧИЈАНГ ОТПАДНА ОД ПАРТИСКИОТ ВРВКечијанг (лево) и Џинпинг на Конгресот на Комунистичката партија на Кина што заврпи денеска. (Фото: АП)

    Кинеската владејачка Комунистичка партија денеска ја потврди континуираната доминација на претседателот Шји Џинпинг во водењето на земјата, еден ден пред да му го даде широко очекуваниот трет петгодишен мандат како лидер. На партискиот конгрес што се одржува на секои пет години, практично беа отстранети четири од седумте членови на високото раководство – меѓу кои и премиерот Ли Кечијанг, функционер број 2 и поборник за пазарно ориентирани реформи, кои се во спротивност со потезите на Шји за проширување на државната контрола врз економијата.

    На еднонеделниот конгрес, кој заврши денеска, во уставот на партијата беа запишани и главните политички иницијативи на Шји за економијата и војската, како и неговиот притисок за обнова и зајакнување на позицијата на партијата со тоа што ја прогласи за апсолутно централна за развојот и иднината на Кина. Конгресот се следеше за знаци на какво било слабеење или оспорување на позицијата на Шји, но ниту еден не беше очигледен. Шји во кусиот завршeн збор рече дека ревизијата на уставот „поставува јасни барања за поддршка и зајакнување на целокупното раководство на партијата“.

    Отстранувањето на Ли, иако не беше неочекувано, го сигнализира континуираноto цврсто држeње на власта на Шји во втората по големина економија во светот. Ли Кечијанг ќе остане на функцијата премиер уште околу шест месеци додека не биде именуван новиот список на владини министри.

    Ли беше меѓу четворицата од седумте членови на семоќниот Постојан комитет на Политбирото на партијата кои ги нема во новиот Централен комитет составен од 205 членови, кој беше формално избран на завршната седница. Тоа значи дека тие нема да бидат повторно назначени во Постојаниот комитет при смената на лидери што ќе биде обелоденето утре. Се очекува Шји да го задржи првото место, добивајќи трет мандат како генерален секретар. Тројцата други кои се отфрлени се шефот на партијата во Шангај Хан Женг, шефот на партиското советодавно тело Ванг Јанг и Ли Жаншу, долгогодишен сојузник на Шји и шеф на главно церемонијалниот Национален народен конгрес.

    Само 11 жени беа меѓу 205-те лица именувани во Централниот комитет (ЦК), или околу 5% од вкупниот број. Припадниците на малцинските групи сочинуваат 4%. Тие проценти беа приближно исти како и во минатиот ЦК.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира