Русија се обидува да регрутира командоси на националната војска на Авганистан да се борат во Украина, пишува магазинот „Форин полиси“. Членови на оваа елитна единица, која беше напуштена од САД и западните сојузници откако талибанците ја освоија земјата минатата година, велат дека биле контактирани со понуда да ѝ се придружат на руската војска.
Овие командоси беа обучувани од американските и британските специјалци и се бореа заедно со нив повеќе од 20 години. Меѓу 20.000 и 30.000 авганистански командоси беа оставени откако странските војски се повлекоа од земјата во август 2021. Според „Форин полиси“, само неколку стотици офицери беа евакуирани, додека илјадници војници избегаа во соседните земји, зашто талибанците ги ловеле и убивале соработниците на бившата влада.
Се проценува дека САД потрошиле 90 милијарди долари за изградба на авганистанските одбранбени и безбедносни сили. Иако тие се покажаа целосно некомпетентни и им ја предадоа земјата на талибанците за само неколку недели, командосите секогаш биле високо почитувани.