Жена била убиена и проголтана од питон во индонезиската провинција Џамби, објавија локалните медиуми. Педесет и четиригодишната жена била на работа на една плантажа и била пријавена за исчезната откако истата вечер не се вратила дома.
Следниот ден, селаните пронашле седум метри долг питон со невообичаено голем стомак. Откако го убиле, во него било пронајдено човечко тело.
„Жртвата е пронајдена во стомакот на питонот. Телото беше речиси недопрено кога беше пронајдено“, изјави шефот на локалната полиција, А.К.П. Харефа.
Иако вакви инциденти се ретки, во Индонезија имало случаи луѓе да бидат убиени и изедени од питони.
Питоните ја голтаат својата храна во целост. Нивните вилици се поврзани со многу флексибилни лигаменти, па можат да го опфатат целиот плен. Тие вообичаено јадат стаорци и други животни, но откако ќе достигнат одредена големина, веќе не фаќаат помали животни зашто не им обезбедуваат доволно калории.