Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не знае на што го темели претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен коментарот дека во македонскиот парламент ќе поминат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Одговарајќи на новинарско прашање пред денешниот настан во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“, Мицкоски кажа дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува против уставни измени во овие околности.
Мицкоски претходно рече дека неговата партија ќе гласа за уставните измени само ако има гаранции од ЕУ дека нема да има понатамошни барања од Бугарија.
„Не знам на што го темели тој коментар. Ако мислат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови, еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција, уставни измени под вакви околности ние немаме намера да поддржиме“, изјави денеска Мицкоски.
Фон дер Лајен на синоќешната прес-конференција во Скопје рече дека е сигурна дека во македонскиот парламент ќе поминат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, што е услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ кога ќе заврши скринингот.
„Сигурна сум дека луѓето од Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно за уставните измени. Постигнавте многу, минавте низ многу, бевте навистина успешни во напредувањето и сигурна сум дека тука во земјата Северна Македонија ќе најдете убедливи аргументи за сите да сфатат дека сите се одговорни за учествување и за придонес кон тоа земјата да се движи напред. Зборувам за младите луѓе кои што имаат сон. Ги повикувам сите политичари да го остварат овој сон на младите луѓе“, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски по нивната средба во Владата.
За употребата на кованицата „северномакедонци“ од страна на Фон дер Лајен, Мицкоски вели дека жали што упорно се греши нашиот идентитет.
„Ако е тоа ненамерно, очекував барем тие до неа да ја коригираат, но жалам што тие ја испуштиле таа прилика. Ако е намерно, тогаш тоа е страшно, тогаш тезата за асимилација на македонскиот народ се потврдува од највисокото ниво во Европа и очекувам денеска да се коригира Фон дер Лајен“, рече Мицкоски.