Илон Маск го комплетираше преземањето на „Твитер“ вредно 44 милијарди долари, објавија американските медиуми и еден инвеститор во компанијата.
„Птицата е слободна“, напиша Маск на Твитер.
Бројни извршни директори, вклучувајќи го и шефот Параг Агравал, веднаш биле отпуштени.
Денеска истекуваше крајниот рок за комплетирање на зделката, во спротивно Маск и „Твитер“ ќе одеа на судење следниот месец. „Твитер“ досега не го коментирал преземањето, но еден инвеститор му потврди на Би-Би-Си дека е завршено.
Американските медиуми објавија дека Агравал и директорот на финансискиот оддел Нед Сигал со придружба биле изведени од седиштето на компанијата во Сан Франциско по комплетирањето на зделката, а отказ добиле и други директори.
Маск пред неколку месеци најави дека сака да го купи „Твитер“ за 44 милијарди долари, за потоа да се обиде да го напушти договорот, поради што случајот можеше да заврши на суд. Опишувајќи се како „апсолутист на слободата на говорот“, Маск најави големи промени на оваа социјална мрежа, но кажа дека нема да дозволи таа да се стане платформа за ширење омраза и поделби. Исто така најави дека сака да го исчисти Твитер од ботови, односно лажни профили.
Сепак, Маск досега не кажал како планира да го направи тоа и кој ќе ја води компанијата. Вчера, тој појасни дека не го купува „Твитер“ за да заработи пари, туку за да му помогне на човештвото.