Зголемен е бројот на пациенти на Детското одделение во Струшката болница, посебно за викенди, кога има и над 200 прегледи. Деца со настинки и вирусни респираторни инфекции, кои многу често доведуваат до компликации, доаѓаат и од Охрид, каде што веќе подолг период има недостиг на педијатри, како и од Ресен и Дебар.
Лекарите велат дека ова е период на вируси, а поради тоа што Детското одделение покрива цел регион, амбулантата и болничките кревети се преполни со деца кои имаат покачена температура, кашлица и омалаксаност.
„Најмногу има деца со респираторни вирусни инфекции, бидејќи времето е такво. Имаме деца со ларингитис, фарингит и со горно или долно респираторни инфекции. Долно респираторните знаат и да се искомплицираат“, вели д-р Бујар Превала, началник на Детското одделение во Струга, каде што работат пет педијатри и еден неонатолог.
Тој вели дека болницата за брзо време нема да може да опслужува толкав број пациенти, оти тој заминува во пензија, а еден од лекарите оди на специјализација.
„Тројца лекари во еден месец ќе треба да имаат по девет-десет дежурства, што ќе биде напорно за нив“, вели Превала.
За недостигот на педијатри на Одделот за детски болести во Охридската болница, кој веќе една година работи само со амбулантски прегледи, беше најавено привремено решение со носење лекари од други клиники, но до денес нема ништо од тоа. Болните деца од Охрид се хоспитализираат во Струга, оти двајцата специјалисти се доволни само за амбулантски прегледи, и тоа само во работни денови. За викенд, болните деца се упатуваат во Струшката болница, која има 18 кревети.
С. ВРЕНЦОВСКА