Објавен е јавниот повик на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) за доделување на Големата годишна награда за 2022, која е признание за најуспешно реализирано архитектонско дело. Наградата е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а традиционално му се доделува на лауреатот на крајот на годината.
Асоцијацијата вели дека наградата претставува афирмација на залагањето кон архитектурата во нашата земјa.
За учество, потребно е по е-пошта да се поднесе пријава за авторско дело – реализиран архитектонски објект на територијата на Македонија кој е завршен во истата календарска година. Од ААМ објавија дека сите заинтересирани повеќе информации можат да добијат на телефонскиот број: 076 350 336, или на: [email protected].
Учесниците кои не се членови на ААМ, а се наведени како автори на проектот кој ќе биде пријавен, за учество во изборот треба да платат котизација во износ од 3.500 денари, по пријавен труд. Доказот за уплата треба да се достави при пријавување за учество, заедно со останатите документи и информации.
Пријавата се доставува по електронски пат на: [email protected], а рок за аплицирање е до 28 ноември.
За 2021 година награден беше објектот „Градинка во Волково“. Автор на идејното решение е архитектот Филип Конески, додека во разработката на основниот проект како коавтор му се придружуваат м-р Даница Спасевска и м-р Анета Мартулкова, во улога на соработници.