Владимир Путин изјави дека го суспендира, не и завршува учеството на Русија во договорот со кој се гарантира безбеден премин на бродовите со украинското жито. Тој ја обвини Украина дека го користи безбедносниот коридор во Црното Море за да ја напаѓа руската флота.
Обединетите нации кажаа дека немало товарни бродови во коридорот во ноќта на нападот. Украина досега не ја презеде одговорноста за големиот напад со дронови, во кој бил оштетен еден руски воен брод.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека договорот ќе биде испочитуван и ја обвини Русија дека го уценува светот со глад. И покрај последните најави од Русија, 12 бродови со 345.500 тони храна вчера ги напуштија црноморските пристаништа, соопшти украинското министерство за инфраструктура и тоа е рекорден извоз во еден ден откако се спроведува договорот.
Околу 20 милиони тони жито наменети за извоз останаа блокирани откако Русија ја нападна Украина во февруари. Извозот продолжи во јули, кога Русија и Украина постигнаа договор со посредство на Турција.
„Спроведувањето на договорот за житото под сегашните услови е преризично. Украина мора да гарантира дека нема да има закани за цивилните пловила“, кажа Путин.
Повлекувањето на Русија од договорот беше критикувано од САД и ЕУ, додека Турција кажа дека извозот мора да продолжи.