НЕМА ДА ВИ ТРЕБА ЈОД, МАКЕДОНИЈА Е МНОГУ ДАЛЕКУ ОД НУКЛЕАРКАТА ЗАПОРОЖЈЕ, ВЕЛИ ЕКСПЕРТ ОД АВСТРИЈА КОЈ РАБОТИ НА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЗАШТИТАТА ОД РАДИЈАЦИЈА

    НЕМА ДА ВИ ТРЕБА ЈОД, МАКЕДОНИЈА Е МНОГУ ДАЛЕКУ ОД НУКЛЕАРКАТА ЗАПОРОЖЈЕ, ВЕЛИ ЕКСПЕРТ ОД АВСТРИЈА КОЈ РАБОТИ НА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЗАШТИТАТА ОД РАДИЈАЦИЈАНуклеарната централа Запорожје е најголема нуклеарна централа во Европа и од почетокот на војната во Украина е под контрола на руските сили. (Фото: ИАЕА)

    Македонија апсолутно не треба да се плаши дека ќе се најде во ситуација да ѝ биде потребен јод за граѓаните во случај да се случи нешто со нуклеарната централа Запорожје во Украина, вели Бојан Томиќ од Виена, проект менаџер на проектот за унапредување на заштитата од зрачење во Македонија. Македонија е далеку од Запорожје и во таков случај би било потребно да се контролираат храната и други продукти што доаѓаат од Украина.

    „Цела Европа се плаши ако нешто се случи во Украина, ако дојде до некакви воени операции во нуклеарната централа Запорожје и Македонија може да биде на некој начин засегната. Апсолутно не треба да се плашите од тоа, ако дојде до таков инцидент да ви треба јод во Македонија која е толку оддалечена од Запорожје, тоа не е возможно. Но, може да се случи да морате да ја контролирате храната која доаѓа од Украина или други продукти кои доаѓаат од таму може да бидат контаминирани“, кажа денеска Томиќ пред националната вежба со цел проверка на подготвеноста на институциите во земјата за одговор во случај на радиолошки и нуклеарни вонредни настани со користење на софтвер за поддршка.

    На настанот зборуваше и директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, кој кажа дека системот за рано известување и тревожење (сирени) е целосно нефункционален, но граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи може да бидат известени преку телевизија, радио или телефон.

    „Скривниците се во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување. Во надлежност на Центарот за управување со кризи е рано известување и тревожење. Тој систем во моментов е нефункционален. Ние како ЦУК поднесовме иницијатива до европските фондови да ни се овозможи целосна реобнова на овој систем, но при каква било опасност од радијација во овој момент ќе бидат благовремено известени граѓаните може да се чувствуваат безбедно исто онолку колку што се безбедни граѓаните на другите европски држави. Еден од начините за брзо дознавање се медиумите, телевизија, радио и социјални медиуми. Сите граѓани имаат телефони во рака или пред нив имаат телевизор или радио доколу се во возило. Сенес е време кога информацијата брзо стига до граѓаните“, кажа Ангелов.

    Нуклеарната централа Запорожје е најголема нуклеарна централа во Европа и од почетокот на војната во Украина е под контрола на руските сили. Се наоѓа блиску до фронтот и изминатите неколку месеци имаше помали инциденти со гранатирање.

    Таблети со јод се даваат на војници и на цивили во случај на нуклеарен инцидент или напад, но нивното предвремено земање може да биде бескорисно и опасно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира