БРИТАНИЈА СЕ БОРИ СО НАПЛИВОТ НА МИГРАНТИ ОД АЛБАНИЈА, 12.000 ГО ПРЕМИНАЛЕ ЛА МАНШ ОВАА ГОДИНА

    БРИТАНИЈА СЕ БОРИ СО НАПЛИВОТ НА МИГРАНТИ ОД АЛБАНИЈА, 12.000 ГО ПРЕМИНАЛЕ ЛА МАНШ ОВАА ГОДИНАМигранти кои го преминаа Ла Манш со чамци беа донесени на брегот во Довер во саботата (Фото: ПА)

    Повеќе од 12.000 албански мигранти дошле во Велика Британија оваа година преку каналот Ла Манш, што е значително зголемување во однос на изминатите две години. Проблемот со зголемениот број Албанци кои влегуваат во земјата прв го истакна британскиот министер за имиграција Роберт Џенрик, поради што беше искритикуван од албанскиот премиер Еди Рама.

    „80% од поединците кои го преминуваат Ла Манш со чамци доаѓаат од Албанија“, изјави Џенрик, кој ја опиша Албанија како безбедна земја.

    Минатата година, во Британија илегално влегле 800 албански мигранти, а во 2020 само 50.

    „Растот е експоненцијален и мислиме дека се должи на тоа што албанските криминални банди се имаат утврдено на северот на Франција“, изјави Ден О‘Махони, командирот на полициските сили во Ла Манш.

    Од годинашните албански мигранти, дури 10.000 биле возрасни мажи кои патувале сами. До јуни биле поднесени 7.267 апликации за азил, двојно повеќе од лани, а биле прифатени 53%.

    Три децении од падот на диктатурата на Енвер Хоџа и отворањето на албанските граници, околу 60% од населението сака да ја напушти земјата, покажа истражување на „Галуп“ од декември 2018. Главни причини за тоа биле корупција, ниски плати, лоши работни услови и низок квалитет на животот. Во 2018, просечните годишни нето приходи на едно албанско домаќинство изнесувале 1.997 евра.

    „Несомнено има луѓе на кои им треба наша помош, но, исто така, голем е бројот на оние кои сакаат да го изиграат системот“, кажа О‘Махони, истакнувајќи ја улогата на албанските криминални банди во Британија.

    Меѓу другото, тие се водечките играчи на британскиот пазар на кокаин вреден пет милијарди фунти, вели Националната агенција за криминал.

    „Велика Британија би требала да се бори против криминалните банди од сите националности и да престане да ги дискриминира Албанците и да бара изговори за своите неуспешни политики“, напиша Рама на Твитер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира