ГРАДОТ Е ЧИСТ, „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ЈА ДЕМАНТИРА ФОТОРЕПОРТАЖАТА ЗА МИЗЕРИЈАТА И РАСПАДОТ НА СКОПЈЕ

    ГРАДОТ Е ЧИСТ, „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ЈА ДЕМАНТИРА ФОТОРЕПОРТАЖАТА ЗА МИЗЕРИЈАТА И РАСПАДОТ НА СКОПЈЕОд „Комунална хигиена“ велат дека се одржува хигиената во строгиот центар на Скопје секој ден во неделата, во три смени. (Фото: Ѓ. Личовски)

    ЈП „Комунална хигиена“ денеска реагираше на фоторепортажата на САКАМДАКАЖАМ.МК „Мизерија и распад на модерното Скопје на градоначалничката Арсовска“, и тврди дека не е точно оти градот е валкан. Се заканија со тужба и побараа извинување и повлекување на фоторепортажата во рок од 24 часа поради „нарушен углед и чест на ЈП Комунална хигиена“. Велат дека тие чистат секој ден во три смени, а вината ја насочуваат кај граѓаните за кои велат дека ги кршат кантите за отпадоци и ги палат контејнерите.

    Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК вчера направи обиколка на центарот на градот за да забележиме што би видел еден турист кога ќе го посети Скопје. Тргнавме од Музејот на Град Скопје, преку улица Македонија, свртевме до Плоштадот ВМРО, па преку Рекорд и улица Никола Вапцаров стигнавме до Плоштад Македонија. Оттаму го минавме Камен мост, Плоштад Филип Втори и дојдовме до Старата скопска чаршија. Нашата екипа документираше со фотографии дека Центарот на градот никогаш не бил повалкан, ѓубре насекаде, како со години никој да не го измил со вода плочникот. Искршени се клупи, канделабри, корпи за отпадоци. Насекаде недоврешни градилишта и фасади кои стојат како чирови со години. Тротоари со дупки, прокопи и крпеници од асфалт. Затворени дуќани, распослани застаклени тераси на кафулиња и коли паркирани насекаде низ пешачки зони.

    Од јавното комунално претпријатие во реакцијата велат дека „во споменатиот напис се изнесени неколку неточни наводи што се однесуваат на активностите на ‘Комунална хигиена‘ во централното градско подрачје“ и тврдат дека „претпријатието ја одржува хигиената на централното градско подрачје секој ден во неделата, во три смени, преку рачно и машинско метење и миење на најфреквентните јавни површини“.

    „На една од објавените фотографии во рамките на споменатиот текст се гледа искршена канта наменета за ситни отпадоци и во тој контекст би сакале да ве информираме дека претпријатието секојдневно се соочува со оштетување и уништавање на урбаната опрема, во вид на опожарување или кршење на контејнерите и кантите за ситни отпадоци. Како претпријатие немаме ингеренција да ги санкционираме извршителите и ваквите настани ги пријавуваме кај надлежните органи, а оштетените садови ги заменуваме со нови во најкус можен рок, со цел да не се наруши динамиката на собирање и транспорт на комуналниот отпад во градот Скопје“, се вели во писмената реакција која до редакцијата ја испратија од „Комунална хигиена“.

    Од претпријатието додаваа и дека тие не се виновни што просторот околу поранешен „Технометал Вардар“ е депонија и мириса на измет и мочки. Наведуваат дека тоа е приватен имот и неговото чистење е обврска на сопственикот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира