Советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џејк Саливен, потврди дека комуникациските канали помеѓу САД и Русија останале отворени. Ова следува откако Белата куќа не ги негираше наводите дека Саливен ги предводи разговорите со Русија за спречување нуклеарна ескалација во Украина.
„Во интерес на САД е да го одржи контактот со Кремљ“, изјави Саливен, додавајќи дека им е јасно со кого си имаат работа.
„Вол стрит џурнал“ објави дека Саливен во изминатите месеци имал доверливи разговори со секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев и со високиот соработник на Кремљ за надворешна политика Јури Ушаков. Тие разговарале како да се спречи употребата на нуклеарното оружје во Украина, но не и како да се стави крај на војната.
Минатиот месец, Саливен предупреди дека употребата на нуклеарното оружје ќе има катастрофални последици по Русија.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, вчера изјави дека САД го задржуваат правото да разговараат со Москва.
„Одржувањето контакт со Русија е во интерес на секоја држава погодена од војната“, се надоврза Саливен.