Ограничувањата во производството на автомобили во Германија поради недостигот на чипови ќе траат најмалку до 2024 година, стои во извештајот на консултантската фирма „Аликс партнерс“. Моментално се потребни шест месеци за испорака на нарачаните чипови, што е двојно подолго од вообичаеното.
Побарувачката на чипови во автоиндустријата порасна поради зголемените дигитализација и електрификација, но производителите на полупроводници се резервирани околу проширувањето на своите капацитети поради заканите од рецесија и зголемувањето на каматните стапки, велат авторите на извештајот.
Исто така, автоиндустријата е мал сегмент за производителите на чипови, само 6-10% од глобалните капацитети.
„Побарувачката на чипови во автоиндустријата ќе продолжи да ја надминува понудата во 2024 и значително ќе порасне до 2026 година. Тоа сепак нема да биде следено од соодветното зголемување на производството на чипови“, велат од „Аликс партнерс“.