Сојузот на синдикати на Македонија на одбележувањето на 13 Ноември денот на ослободувањето на Скопје, јавно ќе побараат одговорност од градоначалничката Данела Арсовска заради пресметувањето и отпуштањата од работа на вработени во ЈП „Водовод и канализација“. Од ССМ велат дека денеска отпуштен од работа е претседателот на синдикатот на претпријатието Стојанче Кашиковски. Бараат средби со Арсовска, но не можат нигде да ја најдат и затоа ќе ѝ направат соодветен пречек пред споменикот на ослободителите на Скопје .
„Градоначалничката Данела Арсовска наместо да се пресметува со своите неспособни кадри кои се нејзин личен избор да раководат со јавните претпријатија, преку осуденици, лица со лоши мисли и непресметливи лица, се пресметува со синдикатот. Ова го нема ниту во земјите кои имаат диктатори за владетели, а веројатно и градоначалничката се однесува така. Синдикатот поради тоа што не може да ја најде градоначалничката Арсовска ниту под дрво ниту под камен, ќе ја пречека на одбележување на денот на ослободувањето на градот каде што ќе се појави и пред целокупната скопска и македонска јавност ќе побара одговорност од неа и нејзините лични соработници кои се осуденици и се со дијагнози од невропсихијатар“, велат од ССМ.
Од таму велат директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Марјанче Митовски му дал отказ на претседателот на синдикатот на претпријатието Стојанче Кашиковски спротивно на Закон и колективен договор што е преседан во работењето.
„В.д директорот Митовски е непресметлива личност, со конфликтна состојба на работа, со лоши мисли. Како одговор на најавениот штрајк во претпријатието смислил да му даде отказ на претседателот на синдикатот Кашиковски. Согласно Закон и колективен договор на претседателот на синдикат не може да му се даде отказ, особено поради тоа што во моментот се спроведува постапка за штрајк и ваквиот притисок е порака за работниците да бидат послушници на Митовски кој веќе и им испраќаше и заканувачки пораки на сите работници кои сега се остваруваат и покрај предупредувањето од Синдикатот што беше и едно од главните барања за разрешување на в.д директорот“, велат од ССМ.
Од ССМ велат дека со давањето отказ на претседателот на синдикатот Кашиковски, нема кој да го спречи Марјанче Митовски во остварување на неговите лоши мисли, опасни по безбедноста на изворите од кои се снабдува со вода градот и граѓаните на Скопје, а за што синдикатот јавно предупредуваше дека ќе се случи, а сега со активностите на в.д директор и се потврдува тоа.
Директорот на „Водовод“ Митовски не сакаше да даде изјава и да каже дали и зошто е избркан претседателот на синдикатот. Ни рече дека изминативе две-три недели имало дисциплинска постапка против него, но за повеќе информации ќе испрател соопштение до јавноста.
А. АНТЕВСКА