РАДИОЛОГОТ ЌЕ МОЖЕ ДА ИЗДАВА УПАТ ЗА ЕХО ПРЕГЛЕД И БИОПСИЈА – НОВА ПАТЕКА ВО СКРИНИНГ ПРОГРАМАТА ЗА РАК НА ДОЈКА

    РАДИОЛОГОТ ЌЕ МОЖЕ ДА ИЗДАВА УПАТ ЗА ЕХО ПРЕГЛЕД И БИОПСИЈА – НОВА ПАТЕКА ВО СКРИНИНГ ПРОГРАМАТА ЗА РАК НА ДОЈКАЦелна популација на скрининг програмата се жените на возраст од 45 до 69 години, кои не извршиле преглед во изминатите две години, или никогаш не направиле мамографски преглед. - Од отворањето на новиот дијагностички центар во „8 Септември“. (Фото: К. Попов)

    Изготвена е патека за упатување и третман на жени за кои има сомнеж за рак на дојка, вели Министерството за здравство, откако од 1 ноември продолжи националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка. Целна популација на скрининг програмата се жените на возраст од 45 до 69 години, кои не извршиле преглед во изминатите две години, или никогаш не направиле мамографски преглед.

    Закажувањето почна со жени на возраст од 45 години. Според Министерството, со сите се испратени СМС пораки на бројот со кој се евидентирани во системот Мој термин. Во пораките кои се испратени – се дадени насоки и како да откажат или да го преместат терминот, доколку за тоа имаат потреба.

    Во скрининг програмата за дојка може да се пријават жени на возраст од 40 до 44 години, ако имаат позитивна семејна анамнеза кај еден или повеќе членови во семејството, и тоа со рак на дојка, јајници, дебело црево или панкреас.

    Понатаму, за жените во скрининг кои имаат потреба од дополнителни прегледи е овозможено радиологот да издава упат за ехо преглед, биопсија, торакална хирургија и тоа е најбрзиот пат од суспектен карцином до операција.

    „Ова значи дека жените со потврден карцином на биопсија во рок од една недела од изготвениот радиолошки извештај и хистопатолошки наод според патеката ќе се упатуваат на торакална хирургија со упат од специјалист радиолог, за што Управата за електронско здравство креира амбуланта за жена од скрининг програмата. За жените, пак, кои сакаат да направат мамографија и ехо или имаат потреба пред и по операција или онколошка терапија, Националната комисија при Министерството направи патека како жената да стигне на преглед, со цел жената да стигне соодветно на ехо и мамографија согласно здравствената состојба.
    Матичните лекари ќе добијат известување од Управата за електронско здравство дека е изработен посебен модул во кој тие може да ги видат информациите за своите пациентки (дали им е закажан преглед и кога)“, велат од Министерството.

    Сите учесници во скринингот може да ги видат закажаните пациентки во своите центри.

    Мамографско снимање, односно скрининг мамографија, во моментот се врши во следните установи: Универзитетски институт за радиологија, Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“, Универзитетска клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Штип, Клиничка болница Битола , Општа болница со проширена дејност Кавадарци, Општа болница со проширена дејност Гевгелија, Општа болница со проширена дејност Кочани, Општа болница Охрид, Општа болница Велес, Здравствен дом Скопје – поликлиника Букурешт и поликлиника Чаир, како и во Здравствен дом Радовиш.

    Согласно податоците од електронската евиденција на Управата Мојтермин, во ГОБ „8 Септември“ во октомври се закажани вкупно 149 термини за дијагностика, од кои 94 се реализирани, а 55 жени закажаниот термин не го искористиле. Исто така, во Здравствен дом Скопје – Поликлиника Букурешт за октомври, од закажани 208 термини за мамографија, реализирани биле 173 термини, додека 35 жени закажаниот термин не го искористиле.

    Здравствениот систем со децении се соочува со немање термини за прегледи, но Министерството вели дека  преку скрининг програмата дополнително се овозможуваат термини за прегледи на навидум здрави жени и тоа во истите болници каде има и паралелно термини за дијагностика.

    „Во ноември им е овозможено на 2.499 жени да направат мамографски преглед со скрининг програмата. Од 1 до 10 ноември, вкупно се закажани 963 жени за мамографија, а од нив терминот го искористиле вкупно 390 жени, додека закажаниот термин не го искористиле вкупно 573 жени“,  велат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира