Шест месеци институциите не реагираат за мостот надвозник кај Визбегово, Скопско, кој може да убие човек, апелираше денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Тој преку снимено видео до медиумите прикажува каква е состојбата на мостот надвозник над магистралниот пат, кој води меѓудругото и кон Косово. Вели дека уште во јуни граѓани пријавиле за состојбата на мостот, а ЦУК тогаш објавиле на нивната фејсбук страна и испратиле писмени барања до Министерството за транспорт и врски, Државни патишта, Јавното прерпијатие за одржување на магистрални и регионални патишта, Град Скопје и Општина Бутел.
„Одговор добивме само од Државни патишта, дека не се надлежни и дека овој мост е под надлежност на локалната самоуправа“, вели Ангелов и додава: „Јас сега ќе го тргнам бетонот, но тоа не е моја работа. Тоа е задача на некој друг кој не си ја врши работата“.
Директорот вели дека одејќи на мостот се забележува дека има силни вибрации и дека „човек не треба да е градежен инженер за да се запраша каква е стабилноста на мостот“. Додава дека со голо око се гледаат бетонските плочи кои се во арматурата, дека се тешки сигурно докај 50 кила, а некои веќе се паднати.
Ангелов апелира до граѓаните да внимаваат на мостот, и да пријават каква било опасност на бројот 112.
Б. НЕСТОРОСКА