Турската влада ги обвини курдските милитанти за вчерашната експлозија во центарот на Истанбул, во која загинаа шест луѓе, додавајќи дека се приведени 22 осомничени, меѓу кои и лицето кое ја поставило бомбата. Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека наредбата за нападот во улицата Истиклал била дадена во Кобани, град во северна Сирија, каде што турската војска изведе неколку операции против курдската милиција во изминатите години.
Во нападот загинаа шестмина турски државјани, по два члена од три семејства, а повеќе од 80 се повредени, од кои 30-ина и натаму се во болница.
Турските телевизии прикажаа снимка од жена како остава пакет на една клупа непосредно пред експлозијата, за која никој досега не презел одговорност. Турските власти го опишаа нападот како терористички, а претседателот Ердоган кажа дека сите вмешани ќе бидат казнети.
Истанбул беше мета на курдски, исламистички и левичарски милитанти и во минатото, при што во декември 2016 загинаа 38 луѓе.