Русија ги повлекла трупите и цивилната власт и од градови на источниот брег на Днепар, навестувајќи дека продолжува со повлекувањето, откако минатата недела го предаде Херсон, најголемата добивка во речиси деветмесечната војна.
Пред една недела, Москва потврди дека руската војска целосно ќе се повлече од западниот брег на Днепар и градот Херсон, со цел да се утврди на нови позиции на спротивната страна. Сепак, снимките од градот Олешки, кој се наоѓа наспроти Херсон, покажуваат дека Русите и таму ги напуштиле своите позиции.
Исто така, проруските власти кажаа дека ги повлекле јавните службеници и од Нова Каховка, вториот по големина град во херсонскиот регион, сместен до голема, стратешки важна брана, од која Крим се снабдува со вода.
„Има одредени активности на непријателските трупи на источниот брег на Днепар и се чини дека ја поместуваат артилеријата 15-20 километри подалеку од реката. Руската артилерија и натаму е способна да го напаѓа Херсон од овие позиции, но и ние имаме со што да возвратиме“, изјави Наталија Хумењук, портпаролката на јужната команда на украинската војска.
Засега нема назнаки дека украинските сили ја преминале реката.