ПРОЕКТИЛОТ ШТО ПАДНА ВО ПОЛСКА ВЕРОЈАТНО НЕ БИЛ ИСПУКАН ОД РУСИЈА, КАЖА БАЈДЕН

    ПРОЕКТИЛОТ ШТО ПАДНА ВО ПОЛСКА ВЕРОЈАТНО НЕ БИЛ ИСПУКАН ОД РУСИЈА, КАЖА БАЈДЕНЕксплозијата во пограничното полско село Пжеводов се случи додека Русија жестоко ја ракетираше Украина (Фото: АП)

    Проектилот што вчера падна во Полска, при што загинаа две лица, најверојатно не бил испукан од Русија, изјави американскиот претседател Џо Бајден по разговорите со своите западни сојузници. Експлозијата во складиште со жито во пограничното полско село Пжеводов се случи додека Русија жестоко ја ракетираше Украина, при што, според Киев, биле испукани најмалку 85 проектили.

    Агенцијата АП цитираше тројца неименувани американски функционери дека прелиминарните проценки кажуваат дека проектилот што падна во Полска веројатно бил испукан од украинските сили кога гаѓале руска ракета.

    Првичните информации оспоруваат дека станува збор за руска ракета. Не сакам да го кажам тоа со сигурност додека целосно не се истражи, но малку е веројатно според линиите на траекторијата дека била истрелана од Русија. САД и сојузниците од НАТО ќе спроведат целосна истрага пред да реагираат“, изјави Бајден.

    Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека веројатно станува збор за проектил од руско производство, но нема конкретни докази кој го испукал.

    Москва синоќа ги негираше наводите дека руски ракети погодиле село во Полска близу границата со Украина, додавајќи дека „тоа е намерна провокација со цел ситуацијата да ескалира“. Информацијата дека станува збор за руски проектили прво произлезе од американското разузнавање, но Белата куќа и Пентагон не го потврдија тоа.

    Секаков руски напад на Полска би можел да доведе до проширување на конфликтот зашто членките на НАТО се обврзани на колективна одбрана според Членот 5.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира