Новата влада што треба да се формира како една од главните точки во програмата за работа треба да го има продолжувањето или прекинувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство како и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд Скопје. Мандатот на СЈО е предвидено да трае до јуни 2017 година, однoсно , не подолго од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.
Освен ВМРО-ДПМНЕ сите постанати политички партии во програмите и во предизборната кампања изјавуваа дека ја поддржуваат работата на СЈО и се залагаат за продолжувањето на мандатот за работа, се до расчистување на сите случаи за открување криминал кој може да произлезе од содржината на прислушуваните разговори.
Само ВМРО-ДПМНЕ во кампањата на предвремените парламентарни избори побара 63 мандати за да се стави крај на политичката криза и најави дека ако добијат доволно мандати со кои можат сами да прават влада, односно да не може никој да ги уценува, нема да го продолжат мандатот на СЈО. Лидерот Никола Груевски во говорите за време на кампањата кажуваше дека тие што бараат да се продолжи мандатот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се залагаат за продолжување на политичката криза и немаат добри намери за државата.
„Потребно е победата да биде силна за да не може никој да не ја пролонгира политичката криза и хаосот во Македонија. Единствена гаранција дека политичката криза ќе заврши на 11 декември се 63 пратенички места за ВМРО-ДПМНЕ и за Коалицијата за подобра Македонија“, зборуваше Груевски на митинзите .
И Европската комисија и Германија, веднаш по објавувањето на прелиминарните резултати во понеделникот, побараа Владата и опозицијата да продолжат со целосно спроведување на претходните политички договори, што вклучува и поддршка на работата на Специјалното обвинителство
„Владата и опозицијата треба да продолжат со целосно спроведување на претходните политички договори, што вклучува и поддршка на работата на Специјалното обвинителство“,соопштија Високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан.
И германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер порача дека „Специјалното Јавно обвинителство мора да биде во можност да продолжи со својата работа без пречки со цел да открие и да казни злоупотреба на моќ и власт“.
Според Законот предвидено е дека СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност. Тоа значи дека СЈО ќе може да покренува обвиненија до јуни 2017 година, а потоа нема да има право да работи на нови случаи, освен на веќе покренатите кривични предмети, кои се влезени во судска процедура.
Покрај продолжувањето на мандатот на СЈО, новиот состав на Парламентот треба да ги донесе и законот за заштита на сведоци кој според специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе му овозможи на Специјалното јавно обвинителство целосно да ги истражи случаите Монструм, убиството на Мартин Нешковски и Сопот.
Законот за заштита на сведоците на СЈО и Измените на Законот за СЈО за продолжување на мандатот на ова обвинителство беа предложени од СДСМ пред да се распушти Собранието. Но не поминаа во Парламентот бидејќи пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и дел од ДУИ гласаа против.