НАД 170 ПЕЧАЛБАРИ ДОБИЛЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА И ДО 15.000 ДЕНАРИ ИАКО СО МЕСЕЦИ НЕ БИЛЕ ВО ЗЕМЈАВА

    НАД 170 ПЕЧАЛБАРИ ДОБИЛЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА И ДО 15.000 ДЕНАРИ ИАКО СО МЕСЕЦИ НЕ БИЛЕ ВО ЗЕМЈАВАОд ЕВН велат дека паушалните сметки доаѓаат во случај броилото да не е прочитано, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци. (Фото: СДК.МК)

    Печалбарите од југозападниот и северозападниот регион во земјава кои со месеци не живеат во своите домови добиле високи сметки за електрична енергија. До Народниот правобранител пристигнати се вкупно 174 поплаки од иселениците кои треба да платат од шест до десет илјади денари за струја во домовите каде долг период нема ни вклучена сијалица.

    Печалбарите велат не потрошиле ниту киловат час струја, а месечните сметки од август до октомври им биле неколку илјади денари.

    „На ниво на држава имаме 174 претставки а во западниот дел на земјава каде претежно живеат печалбарите исто така има многу. Од страна на канцеларијата на Народниот правобранител претставките со барање ги адресираме до ЕВН со барање да не известуваат за цените и начинот како им наплатуваат на граѓаните“, вели Илбер Руфати заменик на народниот правобранител во Кичево.

    Народниот правобранител поднел укажување до регулаторната комисија за енергетика за бројните поплаки, но и барање за корекција до ЕВН.

    „Имаме уште полоши случаи, каде што печалбарот не живее во државава меѓутоа му се наплатени 15.000 денари за два месеци. Што значи иако не живеел тука од страна на ЕВН му наплатуваат“, додава Руфати.

    Од ЕВН велат дека паушалните сметки доаѓаат во случај броилото да не е прочитано, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци. Корисникот може да го достави статусот на броилото и да пријави состојба при што надлежните служби ќе ги направат соодветните корекции. Од ЕВН додаваат дека нема никогаш да наплатат повеќе од она што корисникот го има потрошено.

    „Се случува броилото да не се отчитува поради различни причини корисникот е отсутен, односно не е дома или во објектот, поради спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, поради непристапност до мерното место, лоши временски услови, боледувања на отчитувачи, изолација поради коронавирусот итн“, велат од ЕВН.

    Оттаму додаваат дека доколку поради горенаведените причини не било возможно отчитување на броилото, со наредното отчитување ќе се порамни потрошувачката во зависност од тоа дали корисникот потрошил повеќе или помалку од последната состојба.

    „Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец. Исто така, повисока сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено“, се вели во одговорот на ЕВН.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира