Русија не размислува да употреби нуклеарно оружје, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Владимир Путин претходно кажа дека Русија ќе ги брани своите територии со сите расположливи средства, па и со нуклеарно оружје, ако бидат нападнати.
Запрашан дали Русија би употребила нуклеарно оружје и дали за тоа било дискутирано, Песков кажа дека самото формулирање на такво прашање е неприфатливо.
„Ако забележавте, никој на руската страна не дискутира на оваа тема, ниту било дискутирано. Западните земји се тие кои дискутираат за нуклеарното прашање и со тоа ги засилуваат тензиите во целосно неприфатлива, недозволива и потенцијално опасна сфера“, изјави Песков.
Руската инвазија на Украина доведе до најопасната конфронтација помеѓу Москва и западот од Кубанската криза во 1962. Во септември, Путин предупреди дека не блефирал кога кажа дека е подготвен да употреби нуклеарно оружје за да ја брани Русија.