Истражителите пронајдоа траги на експлозив на оштетените гасоводи Северен тек, потврдувајќи ги информациите дека станува збор за саботажа, изјави шведскиот обвинител Матс Јангквист.
Шведските и данските власти истражуваат четири дупки во Северен тек 1 и 2, кои ги поврзуваат Русија и Германија преку Балтичкото Море. Минатиот месец, Данска кажа дека тие биле предизвикани од моќни експлозии.
„Спроведените анализи покажуваат траги на експлозив на неколку предмети кои беа извадени од морето. Истрагата е крајно сложена и сеопфатна и ќе видиме дали ќе може да открие осомничени“, кажаа од шведското јавно обвинителство.
Сеизмолозите од Данска и Шведска претходно кажаа дека биле регистрирани тресења во непосредна близина на истекувањата и дека сигналите не укажуваа на земјотрес. На гасоводот Северен тек 1 недостига дел од 50 метри. Русија ја обвини британската морнарица дека го разнесла гасоводот, за што не понуди докази.