ЖИТЕЛИТЕ НА БАШИНО СЕЛО СЕ ЖАЛАТ НА ПРАШИНАТА И ДЕТОНАЦИИТЕ ОД КАМЕНОЛОМОТ И АСФАЛТНАТА БАЗА „МИСА МГ“, ИНСПЕКТОРАТОТ УТВРДИЛ НЕПРАВИЛНОСТИ И ИЗРЕКОЛ ОПОМЕНА

    ЖИТЕЛИТЕ НА БАШИНО СЕЛО СЕ ЖАЛАТ НА ПРАШИНАТА И ДЕТОНАЦИИТЕ ОД КАМЕНОЛОМОТ И АСФАЛТНАТА БАЗА „МИСА МГ“, ИНСПЕКТОРАТОТ УТВРДИЛ НЕПРАВИЛНОСТИ И ИЗРЕКОЛ ОПОМЕНАИнсталацијата „МИСА МГ“ е должна двапати годишно да врши мониторинг на емисиите (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Башино Село реагираат на работата на асфалтната база и каменоломот „МИСА МГ“, посочувајќи дека прашината од тамошната инсталација секојдневно стигнувала до селото. Од детонациите во каменоломот на некои куќи се јавиле оштетувања и стравуваат дека не се безбедни ниту во домовите.

    „Немаме мир, имаме прашина, загадување и детонации. Немаме спокоен живот. Инсталацијата е преку Вардар и нејзината работа директно ја чувствуваме. Иако имаат обврска да ги полеваат земјата и патот при работите, не го прават тоа и прашината доаѓа до селото“, вели Љупчо Бабуновски, претседателот на МЗ во селото.

    Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), на барање на граѓани, извршил мерење на емисиите на прашината од „МИСА МГ“. Притоа биле констатирани неправилности, за кои е изречена опомена.

    „При вонредниот надзор се утврди дека не се извршуваат мерките за заштита на животната средина, како прскање на пристапните патишта и површини со вода. Издадена е наредба да се спроведуваат операциите за справување со емисиите на прашина во воздухот. Операторот е опоменат дека секое следно извршување на активностите кои се спротивни на пропишаните услови во интегрираната еколошка дозвола ќе се смета за прекршок“, соопштија од ДИЖС.

    Инсталацијата „МИСА МГ“ се наоѓа северно од Велес, од десната страна на Вардар и има добиено „Б“ еколошка дозвола за каменоломот. На 25 февруари годинава доби „А“ дозвола за асфалтната база, издадена од Управата за животна средина, но во истата нема документ дека е извршена јавна расправа.

    „По најавите дека ќе има јавна расправа за оваа инсталација, поднесовме петиција со потписи од жителите дека се противиме на нејзината работа. Бевме и на јавната расправа, каде што го кажавме нашиот став. Нашите реакции не беа земени предвид. Реагиравме и до екологистите, никаква реакција не добивме“, вели Бабуновски.

    Инсталацијата „МИСА МГ“, согласно добиената „А“ еколошка дозвола, е должна двапати годишно да врши мониторинг на испустите во воздухот. Првиот, извршен во август, бил во рамките на граничните вредности, а вториот мониторинг треба да се изврши месецов. Асфалтната база нема да работи во зимскиот период, додека каменоломот ќе продолжи со работа.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира