Новинарката на САКАМДАКАЖАМ.МК Соња Колевска Делевска ја освои првата награда за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство.
Нашата дигиталната редакција минатата и оваа година објави серија текстови на Делевска за 19-годишно момче од скопско Шуто Оризари кое почина без извод и здравствена книшка.
- ПОЧИНА 19-ГОДИШНОТО МОМЧЕ ШТО ДРЖАВАТА ГО ОСТАВИ БЕЗ ИЗВОД И ЗДРАВСТВЕНА КНИШКА, ЕДИНСТВЕН ДОКАЗ ДЕКА ПОСТОЕЛ СЕ ПЕТКИТЕ ВО СВИДЕТЕЛСТВАТА
- НА СОВЕСТ ЌЕ ГО НОСИТЕ ТОНИ СИТЕ ШТО ИМАВТЕ ДОПИР СО НЕГОВОТО БАРАЊЕ ДА ДОБИЕ ИЗВОД НА РОДЕНИ, ВЕЛИ СУЗАНА САЛИУ, ЗАМЕНИК-НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ
- ВРХОВНИОТ СУД ПОТВРДИ ДЕКА МАТУРАНТОТ ТОНИ САЛИ ПОЧИНА БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ ПОРАДИ ГРЕШКА НА ГРАЃАНСКИОТ И НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД СКОПЈЕ
Наградата ја доделува Македонското здружение на млади правници во соработка со Здружение на новинарите на Македонија и УНХЦР-Скопје.
Втората награда ја доби Валентина Стојчевска од „Фокус“ за написот „ЖИВОТ ВО КАФЕЗ -Државата не го брои Судахан во живите, но го ‘оживеа’ само кога требало да го пикне зад решетки!”. Третата награда му припадна на Дарко Штаргоски од „Инфо Компас“ за мултимедијалниот производ „За добивањето на државјанство во Македонија чекаат и по 15 години – скратени им се огромен број права“.
Наградите на свеченост во Скопје ги додели претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, Моника Сандри.
„Денеска сме тука да им оддадеме почит на тројца големи новинари – Соња Делевска од Сакам да кажам, Валентина Вурмо од Фокус и Дарко Штаргоски од ИнфоКомпас, кои беа потресени од тешката реалност со која се соочуваат лицата без државјанство во македонското општество, без пристап до основните човекови права. Нивните стории ни помагаат во борбата да го искорениме бездржавјанството што поскоро, дури и пред рокот зададен за целиот свет – 2024 година. За секој човек да може да каже: „Јас припаѓам“, рече претставничката на УНХЦР Моника Сандри.
Таа рече дека „квалитетното новинарство слуша и им дава глас на безгласните. Прави притисок и помага да се промени нивната реалност. Менува животи. Дури и спасува животи“ и им се заблагодари на добитниците на наградата затоа што ги нашле сториите на луѓето кои инаку би останале подалеку од очите на јавноста.