ВРХОВНИОТ СУД ПОТВРДИ ДЕКА МАТУРАНТОТ ТОНИ САЛИ ПОЧИНА БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ ПОРАДИ ГРЕШКА НА ГРАЃАНСКИОТ И НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД СКОПЈЕ

    ВРХОВНИОТ СУД ПОТВРДИ ДЕКА МАТУРАНТОТ ТОНИ САЛИ ПОЧИНА БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ ПОРАДИ ГРЕШКА НА ГРАЃАНСКИОТ И НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД СКОПЈЕВрховен суд потврди дека Граѓанскиот суд бил должен да постапува по тужбата на Тони Сали за утврдување на татковство и мајчинство, а не да ја отфрли. (Фото: Фејсбук)

    Скопјанецот Тони Сали, 19-годишниот матурант со одличен успех кој почина лани во мај уништен од државата која никогаш не му го призна биолошкиот татко и не му даде матичен број и лична карта, победи пред Врховниот суд. Неговата адвокатка Тамара Славеска-Апостоловски, доделена од Министерството за правда како бесплатна правна помош, по неговата ненадејна смрт лани продолжи да ја води битката на свој трошок. Откако Граѓанскиот суд Скопје го откачи Тони Сали непосредно пред да почине, одбивајќи ја тужбата на адвокатката за утврдување на биолошкиот татко, таа не застана тука.

    Славеска-Апостоловски поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје. Но, и оттаму го одбија барањето за утврдување на татковството, пресудувајќи дека Граѓанскиот суд Скопје не бил надлежен за такво нешто.

    Адвокатката по оваа одлука на Апелација, тврдејќи дека токму Граѓанскиот суд е надлежен за утврдување на татковство, што ќе беше и решение на долгогодишната битка на Тони Сали и мајка му за веднаш да добие матичен број и да биде впишан во Матичната книга на родени, поднесе барање за ревизија до Врховниот суд.

    Денеска таа го добила решението на највисокиот суд во Македонија, дека адвокатката и Тони биле во право.

    „Ревизијата се усвојува, Врховен суд потврди дека Граѓанскиот суд бил должен да постапува по тужбата на Тони Сали за утврдување на татковство и мајчинство, а не да ја отфрли! Правдата ќе стигне, полека но сигурно, макар задоцнето!“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК адвокатката Тамара Славеска-Апостоловски.

    Правдата ќе стигне, полека но сигурно, макар задоцнето!, вели адвокатката Тамара Славеска-Апостоловски. (Фото: Алсат М)

    Одлуката која ќе помогне на многу фантоми родени во Македонија да добијат матичен број и да почнат да ги остваруваат своите основни човекови права ја донеле врховните судии: Шпенд Деваја, Мирјана Радевска – Стефкова, Исамедин Лимани, Лидија Мартинова и Наке Георгиев.

    Но, Тони Сали веќе го нема.

    Ова момче почина ненадејно, не ја дочека правдата. Уморен од изживувањето врз него од страна на администрацијата, првенствено на Управата за водење матични книги, па Втгоростепената државна комисија за управни спорови, на крајот и од Граѓанскиот и Апелациониот суд Скопје, тој почина во својот дом во Скопје.

    Немаше матичен број, па ни лични документи. Немаше здравствена книшка, само свидетелства полни со петки. Заврши школа благодарение на Конвенцијата за правата на детето. Тој нема ни посмртница, но со одлуката на Врховниот суд таа можност сега се отвора.

    Врховниот суд сега отвори врата постхумно Тони Сали да биде впишан во Матичната книга на родените и да добие посмртница. Неговата најголема желба, да добие лична карта, сметка во банка, да се запише на Правниот факултет Јустинијан Први и да се вработи, останува да ја мори администрацијата, судијата од Граѓанскиот суд Скопје и судиите во Апелациониот суд Скопје, ако воопшто имаат совест, човештина и основно познавање на правото.

    Но, младата упорна адвокатка, одличен познавач на правото, во име на починатото момче не само што им одржа лекција на судиите и на администрацијата, таа преку одлуката на Врховниот суд ѝ го отвори патот на државата да го среди огромниот проблем со лицата без матичен број и без идентитет, со кој се соочува долго време.

    По оваа одлука, Граѓанските судови ќе мора да постапат и за идни вакви случаи.

    Случајот на Сали беше испроблематизиран бирократски. Управата за матични книги одбиваше да му го впише биолошкиот татко, го тераше да му впише друг човек, странски државјанин. Законот ни бил таков, зашто кога се родил Тони, неговата мајка не била разведена од бугарскиот државјанин, со кого не живеела повеќе од 10 години. Во иста ситуација, се родиле неговите постари брат и сестра претходно, но во Србија, каде со изјава на нивниот билолошки татко и мајка, веднаш добиле изводи на раѓање.

    За несреќа, Тони Сали со живи биолошки родители, со час, датум и место на раѓање, се роди во Скопје, каде ни Управата, ни судството, нејќеа да му го признаат биолошкиот татко и така да добие извод на родени и матичен број, макар и на 19 години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира