Раперот Кање Вест објави дека ќе се кандидира за претседател на САД на изборите во 2024 година, што следува по серија расистички скандали поради кои му беа раскинати неколку богати бизнис договори. Вест, кој законски си го промени името во Је, го промовираше и логото на својата кампања.
„Побарав од Доналд Трамп да ми биде потпретседател, но тој почна да ми вика дека ќе изгубам“, вели Вест во видео објавено на социјалните мрежи.
Тој се кандидираше за претседател и пред две години, но успеа да собере само 70.000 гласови.
Вест ја лансира кампањата по низа контроверзи кои сериозно му го нарушија имиџот. Однесувањето на Вест веќе неколку години е проблематично откако почна да се приклонува кон десничарската идеологија. Тој имаше низа јавни навредливи испади и коментари, во кои особено ја напаѓаше црната заедница, што се засили во изминатиот период.
Поради ова, беше отпуштен од неговата талент агенција, а „Адидас“, „Гап“, „Баленсијага“ и „Вог“ јавно ги прекинаа односите со него.