„ПРЕЕКСПОНИРАНО“ НА ВЕНИНОВА И УШТЕ ПЕТ ФИЛМА ЦЕНЗУРИРАНИ ЗА ЈАВНО ПРИКАЖУВАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО КАИРО

    „ПРЕЕКСПОНИРАНО“ НА ВЕНИНОВА И УШТЕ ПЕТ ФИЛМА ЦЕНЗУРИРАНИ ЗА ЈАВНО ПРИКАЖУВАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО КАИРОДебито на Елеонора Венинова на 20 ноември имаше светска премиера на фестивалот во Каиро. (Фото: КИФФ)

    „Преекспонирано“, дебито на Елеонора Венинова кој на 20 ноември имаше светска премиера на фестивалот во Каиро, бил еден од шесте филмови кој бил забранет за јавно прикажување, објави Ал Џезеира на арапски на 18 ноември. Меѓу цензорираните филмови е и пакистанскиот кандидат за Оскар „Земја на радоста“ (Joy Land) на Саим Садик, кој деновиве прво беше забранет за киноприкажување во Пакистан па потоа владат ја симна забраната.

    Уметничкиот директор на фестивалот од А категорија, египетскиот режисер Амир Рамзес, потврдил дека египетското цензорско тело поставува старосни граници за гледање, односно бира соодветни возрасти според содржината на секој филм, но негира дека се цензурираат вредности. Ал Џезеира тврди дека филмот бил достапен само за филмските професионалци акредитирани на фестивалот, како и за критичарите и претставниците на медиумите, додека за локалното население картите биле недостапни.

    Во Египет за фестивалот во Каиро цензорското тело одобрува дали некој филм може да се прикаже или не, без да наметнува сечење на спорни сцени како што вообичаено се прави за филмови кои се во кинодиструбуција. Новинари кои известуваат од фестивалот, велат дека за да се спречат инциденти главно од конзервативна публика, се издаваат околу 10.000 беџови за професионалци, медиуми, студенти и секој друг кој сака да купи пред почетокот на фестивалот. Додека трае фестивалот одлуката кој филм ќе се ограничи само за коирсници на беџови се носи непосредно пред проекциите.

    Од продукцијата ДНФ филмс велат дека се изненадени од оваа вест и за ова дознале дури откако се вратиле од Каиро, каде на премиерата беше реѓисерката Венинова, актерите Камка Тоциновски и Благој Веселинов и продуцентот Гоце Кралевски.

    „Навистина сме изненадени од она што го прочитавме. На самата премиера салата беше исполнета и бевме доста задоволни од посетеноста и одзивот, имајќи превид дека нашата премиера се поклопи со отворањето на Светското првенство во Катар. Добивме многу прашања и имаше позитивни реакции, но гледано од оваа точка, повеќето од присутните носеа беџови со акредитации или ни се претставија како новинари“, вели продуцентот Гоце Кралевски.

    Режисерката Венинова вели дека оваа вест ги оставила со измешани чувства.

    „Од една стана сум благодарна на програмерите и селекторот на фестивалот што не поканија да учествуваме и тоа во официјална конкуренција, но фактот што нашиот филм не бил достапен за љубителите на филмот ми остава навистина горчливо чувство. Очигледно од фестивалот презеле ризик да поканат филмови кои третираат теми кои се контроверзни во тоа општество, но на крај последниот збор го имал Комитетот за цензура на Египет. Мислам дека за нив е спорен начинот на кој го третирам бракот и сексуалноста на ликовите во филмот“, вели Венинова.

    Од продукцијата велат дека  „Преекспонирано“ наиде на одличен прием на фестивалот во Каиро, а во критиката во Синеуропа се вели дека „..Уште од првите моменти во нејзиниот дебитантски долгометражен филм, станува јасно дека режисерката Елеонора Венинова има дарба за поставување на пасивно-агресивна драматуршка структура“.

    Во филмот играат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката е на Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ,  монтажер е Гоце Кралевски, костимите се на Жаклина Крстевска, монтажер за звук е Дарко Спасовски, а филмот е снимен со поддршка од македонската Агенција за филм, од Српскиот филмски центар и Еуримаж.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира