Шест милиони Украинци и натаму се без струја, три дена по последниот голем руски ракетен напад на земјата, кажа претседателот Володимир Зеленски.
„Исклучувањата продолжуваат во повеќето региони и во Киев. Сепак, бројот на погодените домаќинства е двојно намален од средата“, изјави тој.
Зеленски вели дека многумина жители на главниот град се без струја веќе 20, па и 30 часа. Меѓу најтешко погодените региони се и Одеса, Лвов, Виница и Днепар.
Украина и нејзините западни сојузници постојано велат дека руските напади на клучната цивилна инфраструктура се воено злосторство, додека Русија продолжува да тврди дека напаѓа само цели со воено значење. Москва вели дека Украина може да го прекине страдањето на својот народ ако ги исполни руските барања.
Последните напади ѝ нанесоа огромна штета на земјата, бидејќи голем дел од населението остана без струја и греење додека температурите се спуштија под нулата. Меѓународната агенција за атомска енергија кажа дека трите нуклеарни централи на територијата под украинска контрола повторно се поврзани на електричната мрежа.
Оваа недела, Украина ја одбележува 90-годишнината од Гладомор, масовен глад предизвикан од одлуката на Сталин да ги заплени целото жито и стока од колективизираните фарми, што резултираше со смрт на милиони Украинци. Германија најави дека ова ќе го прогласи за геноцид.