БРАЗИЛКИ И СРБИНКИ ДОЈДОА ВО ТЕТОВО ЗА ДА МУ ПОМОГНАТ НА ЉУБОТЕН ДА СТАНЕ ЛИДЕР ВО ЖЕНСКИОТ ФУДБАЛ ВО МАКЕДОНИЈА

    БРАЗИЛКИ И СРБИНКИ ДОЈДОА ВО ТЕТОВО ЗА ДА МУ ПОМОГНАТ НА ЉУБОТЕН ДА СТАНЕ ЛИДЕР ВО ЖЕНСКИОТ ФУДБАЛ ВО МАКЕДОНИЈАЉуботен минатата сезона беше шампион на Македонија, а и сега е на врвот од табелата (Фото: СДК.МК)

    Додека фудбалерите на тетовските екипи Тетекс, Љуботен и Шкендија оваа сезона не покажуваат некои завидни резултати, женскиот фудбал во градот ги бележи своите најсветли моменти. Љуботен минатата сезона го освои првото место во Првата женска фудбалска лига на Македонија, а сега, на две кола пред крајот на есенскиот дел, е на врвот од табелата. За постигнатите резултати ЖФК Љуботен годинава го доби признанието 19 Ноември во чест на Денот на ослободувањето на Тетово.

    Во есенскиот дел имаме девет победи на девет натпревари, дадовме 68 голови, а примивме само пет. Некои натпревари ги добивме со многу висока гол разлика. Речица ја победивме со 14:0, Кочани со 13:0, Борец со 11:0, а градскиот конкурент Шкендија со 9:0. Имаме три бода предност пред второпласираната Каменица Саса. Нашата екипа се состои од фудбалерки на возраст од 15 до 27 години. Дел од нив се средношколки, но имаме и пет фудбалерки од странство, со кои потпишавме професионален договор“, вели тренерот Ивица Радоњиќ.

    Според него, амбициите се и оваа година да се изборат за учество во Лигата на шампионите. Минатата сезона, екипата поради малото искуство отпадна уште во првото коло. Тој смета дека со добрите резултати кои ги постигнуваат ќе можат за две-три години да стигнат до групниот систем на Лигата на шампионите.

    Ударната сила на Љуботен ја сочинуваат трите Бразилки, потпомогнати од двете професионалки од Србија. Тчеури Харуми, Бенедито Делгадо и Присила Едите Силва, кои се попознати по своите прекари Гоја, Маиса и Приса, брзо се прилагодија откако дојдоа. Нема натпревар, а тие да не постигнат и по неколку голови, но има и работи кои тешко ги поднесуваат.

    Да, многу е ладно. Се покривам со многу ќебиња кога спијам. Некои денови ми е толку ладно што не сакам да одам на тренинг. Сепак, мене не ми беше многу тешко да се навикнам зашто три години живеев во Србија. Присила е тука само осум месеци, но е во ред, додека Маиса сè уште се мачи со адаптацијата. Храната е добра, само ладното време е тешко за нас. Не е лесно да се игра овде, интензитетот е поинаков. Со тренерот и со другите од екипата комуницирам на англиски јазик, но научив и некои македонски зборови, како здраво, малку, до видување, како си, како и зборови кои ми требаат додека играм, како пази, полека, менувај страна, катастрофа и на здравје“, вели Гоја.

    Во тимот игра и Павлинка Николовска од Струмица, една од петте фудбалерки од овој клуб кои се дел од сениорската и младинската репрезентацијата на Македонија. Покрај Тиверија и Каменица, играше и за Црвена звезда од Белград.

    Српската фудбалска лига е потешка од нашата, но таму повеќе се оди на сила и трчање, отколку на техника, како што е овде. Имаме добра екипа во која сите соработуваме и се дружиме. Со Гоја сме цимерки и ја делиме собата“, вели Николовска.

    Во екипата се и две искусни професионалки од Србија.

    Брзо се вклопиме во екипата и затоа ни е добро овде. Јас прво играв во Србија, па заминав во Америка, каде што останав шест години, студирав, дипломирав и играв фудбал. Оттаму дојдов во Љуботен“, вели Сања Ратковиќ.

    Меѓу фудбалерките на Љуботен владеат големо пријателство и тимска соработка, но само во едно не се согласуваат. Бразилките се убедени дека нивната репрезентација ќе биде светски првак во Катар, додека другите повеќе шанси им даваат на Белгија, Аргентина и Србија.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира