Албанската народна носија џублета стана дел од Светското нематеријално културно наследство заштитено од УНЕСКО, објави министерката за култура Елва Маргарити.
Џублета традиционално носат жени во планинските предели на земјата, а нејзината историја датира од пред 4.000 години. Обликувана како ѕвонче, џублета виси од рамениците со два ремена. Вообичаено, здолништето содржи 13-17 ленти и е направено од волна. Според традицијата, немажените жени носеле бела, а мажените црна.
„Џублета е богатство кое беше во опасност да биде изгубено во налетот на времето. Не смееме да дозволиме џублета да стане остаток од минатото, а со вклучувањето на оваа листа ќе добие поддршка не само од државните институции, туку и меѓународно“, изјави Маргарити, додавајќи дека подготвуваат уште четири номинации.
Џублета е втората традиција од Албанија која е запишана на листата на УНЕСКО, по повеќегласовното пеење, тип на народна музика од јужните делови на земјата.